Заев бил свесен дека ќе изгуби со над 150 илјади гласа

Зоран Заев пред изборите бил свесен од анкетите што самиот ги добивал и порачувал за негови потреби, дека СДСМ ќе изгуби убедливо и дека тоа ќе биде над 150.000 гласа разлика, истакна денес премиерот Никола Груевски.

-Тие што малку од малку се разбираат од анкети, а политичарите се разбираат доста од анкети, точно знаат што значи 7 или 8 посто разлика. Тоа покажува дека за целиот период на кампањата, раководството на СДСМ одело со лаги дека водат, дека сме блиску, дека сме изедначени, дека ќе победат, дека од 27-ми април ќе стапи на власт СДСМ… Всушност тие знаеле дека им следува огромен пораз, над 150.000 гласови разлика, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека иако на социјалдемократите им било јасно дека ќе ги изгубат изборите, тие цело време лажеле и глумеле.

-Она што исто така е значајно е дека Заев со пуштање на креирани материјали, правејќи го тоа, ја фалсификува волјата на граѓаните, волјата на тие граѓани кои со огромна разлика гласаа во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Ја фалсификува таа волја на тој начин што преку креирани материјали се обидува да им докаже дека не гласале заради тоа што гласале, заради делата, заради градбите, реформите, многу чекори, зголемување на пензии и плати и редица други чекори што ги направивме, ги убедува дека гласале за тоа што тој мисли дека гласале, ги уверува дека имале разни притисоци и слично, додаде Груевски.

Тој вели дека ова што Заев сега го прави личи на стара Бранкова школа, а тоа е да се дојде на власт преку криза.

-СДСМ практично не може да дојде на власт без создавање на криза затоа што имаат недостатоци на идеи, немаат програма, немаат проекти, немаат што да понудат на граѓаните, ниту пак граѓаните им веруваат во она што ќе го понудат затоа што понудуваат евтини сценарија набрзина подготвени програми, а најчесто ни тоа не го понудуваат. Нивната цел и во времето на Бранко, а и сега е да се дојде на власт преку креирање на криза, рече премиерот.

Груевски вели дека со овие чекори кои ги прави Заев, тонејќи во кал сака да ги повлече сите граѓани и да предизвика криза. Премиерот порача дека тоа нема да се случи и дека еден ден Заев ќе се срами од ова.