Заев: Чекаат пријателите од надвор, подготвени се да изработат документи!?

Контрадикторни, нејасни и двосмислени се изјавите на опозицискиот лидер Зоран Заев искажани синоќа во интервјуто за 24 Вести. Во обидот да се оправда пред јавноста за писмото кое му го испратил на Верушевки, а чија автентичност Заев ја потврди, лидерот на СДСМ тоне се подлабоко во сопствените невистини, објави денес порталот „Курир“.

Дали невештиот обид на Заев да ја убеди јавноста дека во писмото испратено до Верушевски всушност му помагал на поранешниот разузнавач да добие работна виза за странство, откри ново признание од првиот човек на опозицијата, кој рече дека “пријателите од надвор се подготвени да изработат докумнети и не може да се остават вечно да чекаат“.

Одговарајќи на прашање од водителот дека она што се посочува како најспорно во писмото е пасусот каде што Заев вика дека останува само да му каже кога може да се видат најбрзо и затоа што мора да дејствуваат заради пријателите од надвор, Заев одговара:

-Чекаат пријателите од надвор, подготвени се да изработат документи, самите пријатели кои што се понудија да помогнат во оваа работа, не можете да ги оставите да чекаат вечно, треба да им кажеме кога би заминале, за да можат да бидат подготвени за да ги изработат самите документи.

Ваквиот одговор на Заев отвора неколку дилеми и дополнително фрла сомнеж во неговите искази дека се работи за работна виза, тврдења во кои всушност никој и не верува. Доколку навистина се работи за тоа, нелогично е според тврдењата на Заев  “пријателите од надвор да не можат вечно да чекаат“, бидејќи во конкретниот случај Верушевски по логиката на нештата е тој кој чека да услуга од странските пријатели на Заев.