Заев демантира дека имал тајна средба со струмички бизнисмен

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги демантира информациите дека остварил тајна средба со струмички бизнисмен.

Според Заев, во текстот што го објави Нетпрес во неделата, се содржани клевети за претседателот на СДСМ за наводна блокада од негова страна на преговорите за Договорот од Пржино и одлагање на предвремените парламентарни избори на штета на државата, а за сметка на партиски интереси.

Лидерот на СДСМ во демантот нагласува дека информациите дека тој заедно со портпаролот на партијата имале тајна средба со струмички бизнисмен кому му рекол: „ги губиме изборите и мора да направиме голем проблем за да се одложат и тука да ја бараме шансата“, се клеветнички информации.

Вака изнесените клевети кај мене имаат предизвикано душевна болка поради повреда на честа и угледот посебно што се работи за доста чувствителен период во кој опозицијата на чело со мене со сите сили работи да опстане и да се реализира Договорот од Пржино. Од начинот на кој се однесувате кон мојата чест и угледот очигледна е Вашата намера да ми наштетите и предизвикате чувство на нервоза и вознемиреност која влијае на целокупното мое дејствување, се вели во демантот на Заев.

Линк до веста објавена на Нетпресс.