Заев, Димитров и Адеми на Генералното собрание на ОН

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, од 17 до 23 септември, ќе присуствува на Генералната дебата на Генералното собрание на Обединетите нации, кое оваа година се одржува по 72 пат, во седиштето на ОН во Њујорк, САД. Во македонската делегација е и министерот за надвоорешни работи Никола Димитров, како и министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.

Заев ќе присуствува на свеченото отворање на работата на Генералното Собрание на 19 септември, и ќе има свое обраќање на пленумот на Генералната дебата на 22 септември.

Премиерот Заев ќе настапи со свое излагање на тематската конференција „Отворено владино партнерство“, и ќе учествува во работата и на други тематски панели за време на овој светски собир на претседатели на држави и шефови на влади, со кои ќе претседаваат Претседателот на Франција Емануел Макрон, потпретседателот на САД Мајк Пенс, Министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон и Министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Коендерс.

За време на Генералното Собрание на ОН, Претседателот на Владата на Република Македонија ќе има работна средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и повеќе други билатерални средби, меѓу кои и со премиерката на Норвешка и премиерите на Малта и Белгија.

Според агендата на престојот на Генералното собрание на ОН, премиерот Заев ќе има средби и со Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, и со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Планирани се и средби на Заев со бизнисмени од дијаспората.