Заев до пратениците: Вашите мандати нема да престанат, ќе земете плата

Бидете без грижа. Вашите мандати нема да престанат на 10 ноември. Трајко Вељаноски нема да закаже седница на која ќе ги констатира оставките.

Порталот Press24 објавува детали од средбата на опозицискиот лидер со дел од пратениците и претседателите на опозициските сателити, нагласувајќи дека со овие зборови лидерот на СДСМ Зоран Заев ги убедувал своите пратеници да останат на неговата политика на бојкот.

Како што пишува порталот, Заев на сопартијците им рекол дека она што го зборува пред камерите е само парада за пред јавноста и политичка игра која мора да ја води со власта и побарал од нив да не  ја ценат неговата политика според изјавите кои тој ги дава пред медиумите. Им порачал дека пред јавноста мора да се демонстрира цврст став за бојкот но дека тие не треба да бидат загрижени, бидјеќи имал информации дека и по 10 ноември, нивните оставки нема да бидат воопшто ставени на дневен ред а тие и натаму ќе земаат по 1000 евра месечно, пратеничка плата.

Прес24 јавува дека парлалелно Заев бара начин како да се ослободи од притисокот од партиското членство по најавата за наводна бомба против власта која се уште никој не ја виде. Петковски и Жерновски не сакале на слепо да ја делат одговорноста со Заев за ваквите најави, бидејќи освен празни шпекулации не можеле да се уверат во веродостојноста на информациите кои ги продавал Заев.

Во паника од нова тужба за клевета, Press24 јавува дека на Бихаќка се разгледува можност обвинувањата да се лансираат во Собранието за да се искористи собранискиот имунитет. За таа цел се планирало пратениците да побараат седница за гласање доверба на Владата на која би се појавиле и без исполнетите услови и би го обвиниле премиерот и Владата со информациите кои Заев тврди дека ќе ја свртат ситуацијата во негова корист.

Ваквото однесување на Заев според соговорниците на порталот создало огромен револт кај пратениците на СДСМ кои во него гледаат само обид на лидерот да си ја спаси градоначлничката позиција во Струмица по се погласните барања да си поднесе оставка и да се приклучи на бојкотот.

Заев пред два дена побегна од новинарите и не даде одговор на новинарските прашања, зошто на средбата не се присутни пратениците на СДСМ, иако во неколку наврати беше потенцирано дека дел од пратениците не се задоволни од политката на бојкот и сакаат да се вратат во Парламентот.