Заев: Евроатлантските интеграции на регионот се неопходни за неговата стабилност

Продолжуваме да се водиме од вербата дека евроатлантските интеграции на регионот, базирани на солидарност и демократски вредности, се неопходни за долгорочна стабилност на регионот и а целиот континент, изјави во средата премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата по самитот на Јадранската повелба во Подгорица на кој Република Македонија беше коорганизатор на состанокот на врвот во црногорската престолнина.

Според Заев самитот во Подгорица  претставувал одлична можност да се дискутира за напредокот на меѓусебната соработка и иднината на Јадранската повелба.

„Уште еднаш ја препознаваме вредноста на сеопфатната политичка, одбрамбена и економска соработка еѓу нашите земји, споделување на искуствата од реформите, интеграцијата и интензивирањето на регионалната соработка“, рече македонскиот премиер.

Според него, предизвиците со кои се соочува регионот, се истите за сите народи низ светот.

„Денешните закани не познаваат национални граници. Не е само идеализмот она што ги води народите од регионот да се поврзат со останатите европејци и не е идеализам кога бараме да споделуваме обврски во контекст на НАТО. Се работи за препознавање на нашите заеднички интереси кои ни покажуваат дека си требаме едни на други“, рече Заев.

Додаде дека сите членки на повелбата треба да ја користат можноста самостојно и заеднички да го држат ова прашање на агендата на алијансата.

„Само преку заедничка работа и заради бенефит на регионот, можеме да ги достигнеме нашите заеднички вредности и успешно да одговориме на заедничките закани и предизвици“, рече Заев.

Оцени дека Македонија стабилно и енергично чекори напред и додаде дека Владата со поддршка од граѓаните и од меѓународните партнери го трасира патот на земјата  кон НАТО.

„Убедени дека Република Македонија ги заслужува евроатлантантските перспективи. Храбро влеговме во реформските процеси, се отворивме за интензивна соработка со соседите, покажавме одговорност кон меѓународната заедница дека сакаме и можеме да придонесуваме и колективните процеси за стабилен безбеден свет. И со право очекувам Република Македонија да биде 30-тата земја членка на алијанската и ќе работиме за таа цел, заедно со граѓаните“, додаде Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.