Заев ги брани големите албански апетити за сметка на македонските национални интереси

Двојазичност на целата територија на Република Македонија, целосно политичко изедначување на Албанците со Македонците без разлика што првите се малцинство, а вторите мнозинство во земјата, јавно дискредитирање на Македонците на политичка сцена, јавни барања за целосно рекомпонирање на политичкиот систем на државата, јавни барања за нови надградувања на Охридскиот рамковен договор.

Ова како што велат политичките аналитичари е изборниот пакет за граѓаните кој го нудат и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Според универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска кога Ахмети и Заев зборуваат околу изборните програми, се добива впечаток дека станува збор за една иста личност. Таа посочува дека за првпат во историјата на Македонија етнички македонски и етнички албански политичар нудат исти решенија и политики.

„Кога ги слушате изјавите и говорите на Ахмети и на Заев се чини нема никаква разлика. Се добива впечаток дека зборува една личност. А бидејќи знаеме дека се двајца, прашањето е дали станува збор за политички двобој меѓу Ахмети и Заев од кој треба да произлезе одговорот кој е поголем Албанец и заштитник на албанските интереси во земјата? Ова е прв пат во историјата на досегашната македонска самостојност и независност како држава, етнички македонски и етнички албански политичар да нудат исти решенија и политики кои одат во прилог единствено на албанската малцинска заедница. За прв пат од создавањето на Македонската независна држава, македонски политичар отворено се стави во директна одбрана на големите албански апетити во земјата кои прават ненадоместлива штета на македонските национални интереси. Како никогаш до сега, македонските национални интереси се клекнати на колена“, вели универитетската професорка во изјава за Нетпрес.

Според неа, со идеите за двојазичност и редефинирање на државата, со кои лидерот на опозицијата отворено се ставил во директна одбрана на големите албански апетити, Заев ја избришал, како што вели, црвената линија која ги штитеше националните интереси на Македонците во политиката. Според неа за заштита на национални интереси на Македонија моментално се бори само владејачката партија и посочува дека изборите на 11 декември ќе претставуваат еден вид референдум на кој граѓаните ќе треба да одбранат интегритетот и суверенитетот на Република Македонија како независна, самостојна и унитарна држава на Македонците.
проф. Тања Каракамишева Јовановска
проф. Тања Каракамишева Јовановска

„Единствена партија која се уште ги штити и е на браникот на одбрана на македонските национални интереси во земјата е ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа изборите на 11 декември ќе имаат референдумски карактер. На 11 декември нема само да избираме. На 11 декември треба да го одбраниме интегритетот и суверенитетот на Република Македонија како независна, самостојна и унитарна држава на Македонците, и на сите други етнички заедници што живеат во земјата. Како што во економијата е невозможно мнозинските акционери во трговското друштво да ја изгубат доминантната позиција во креирањето на стратешките интереси на друштвото поради нахалните барања на малцинските акционери, така и во политичкиот систем доминантното по бројка население не може да биде жртва на политичарите што ги застапуваат исклучиво интересите на малцинствата. Ако се собере рејтингот на Заев и на Ахмети истиот не може ниту да се доближи до рејтингот што го има сам Никола Груевски на политичката сцена. А токму рејтинзите ја отсликуваат објективната реалност во земјата со која не може никој да игра играчки. Оваа политичка реалност е водилка и клучна детерминанта за опстанокот на земјата. Се друго е играње пазар со државата, коцкање со опстанокот на Македонците на подолг рок“, смета Каракамишева – Јовановска.

Инаку, во трката по албанските гласови, лидерот на ДУИ пред помладокот на партијата, вети поголеми права за Албанците во Македонија. Тој испрати порака дека нема да прифатат ништо помалку од целосна еднаквост, консензуално одлучување и воведување на албанскиот како втор официјален јазик во цела Македонија.Од Демократската унија за интеграција барат и продолжување на мандатот на СЈО се до влегување на Македонија во НАТО и во ЕУ и целосна имплементација на препораките од Прибе, како и неодложно приклучување на земјава кон НАТО алијансата. Ахмети меѓудругото јасно им порача на социјалдемократите дека немаат право да ги бараат албанските гласови на претстојните избори.

„Тие што го бараат албанскиот глас , каде беа пред 15 години , кога младите Албанци се убиваа само за да учат на албански јазик ? А сега, сакаат да владеат со помош на албанскиот глас “, рече лидерот на ДУИ.
Слични ветувања македонската јавност веќе имаше можност да слушне и од опозицискиот лидер. Тој отворено зборуваше за двојазичност и редефинирање на државата, повикуваше на виткање на кичмата за уставното име, а опозициските пратеници го дадоа својот глас за неограничен мандат на СЈО.
„Зборував за употребата на албанскиот јазик, не губам јас како граѓанин на Струмица кај што сме 94 посто Македонци. Значи една работа да се знае. Прагмата во Македонија мора да биде следена. Не губам јас ништо како Македонец, ни па граѓанинот на Штип на Скопје кој што е од македонскиот етнички корпус на граѓани. Сега му е мајката, да дефинираме каква земја ќе градиме во иднина“, рече пред извесно време во интервју опозицискиот лидер Зоран Заев.
Околу ваквата изјава на Заев, портпаролот на партијата, пак, вчера истакна дека двојазичноста е спин на власта, а прашањето за употреба на јазиците регулирано со уставот и законот, донесен токму ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.