Заев ги оштетил државниот и општинскиот буџет за над 58 милиони денари

312

Струмичкиот градоначалник, Зоран Заев, го оштетил општинскиот и буџетот на Македонија за приближно 58,608.900 денари, навело Министерството за транспорт и врски во своето укажување за продажбата на државното земјиште во Струмица.

Во документот на Министерството за транспорт и врски, до кој дојде НетПрес се вели дека „при определување на почетната цена на електронското јавно наддавање за градежна парцела број 11, со основна намена Г2-Лесна незагадувачка индустрија (61,00 денар по м2), не се земени во предвид компатабилните класи на намена како што се прикажани во Изводот од ЛУПД за КПбр.6609, донесено со Решение 16-23 од 21 јануари 2011 година по БР. 19-1504/2 од 20 септември 2012 година од Општина Струмица и тоа: Б1, Б2, и Г3 и Г4 (вкупно 30 отсто), со што е оштетен Буџетот на Република Македонија и Буџетот на Општина Струмица во приближен износ од 58,608.900 денари“.

dokument 2 strumica zemjiste

Понатака во своето укажување Министерството за транспорт и врски наведува дека поради тие причини смета оти „продажбата на земјиштето е спротивна на одредбите на Законот за градежно земјиште и спротивна на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште, сопственост на Република Македонија, и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп, според која во случај кога на една градежна парцела со урбанистики план или урбанистичко планска документација се предвидени две или повеќе намени компатабилни со основната намена утврдена со урбанистилки план, тогаш цената се формира така што во крајна цена по метар квадратен основната намена се пресметува во износ од 70 отсто , а компатабилната намена изнесува 30 отсто од цената за отуѓување.“

dokument 3 strumica zemjiste

„Поради констатираните материјални и процедурални недостатоци, во дел од објавата, укажуваме Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање, делумно да ја поништи Објавата бр.03/2012 од 14 септември 2012 година (објавена на 15-16 септември 2012 година) од точка 11, во делот на предмет на електронско јавно наддавање, кое е предвидено со ЛУПД за КПбр.6609 донесено со решение 16-23 од 21 јануари 2011 година во Урбан блок 4 Струмица, со основна намена Г2-Лесна незагадувачка индустрија. Тоа да го објави во печатени медиуми и во Службен весник на РМ во рок од три работни дена, од што ќе произлезе и поништување на склучениот договор (спогодбено или со предлог преку Државното правобранителство на РМ за подрачјето Струмица), времена мерка за забрана за отуѓување на прибележана во Агенцијата за катастар на недвижности, одделение за катастар на недвижности Струмица, повраток на купопродажна цена за градежно земјиште“, се вели во документот на Министерството за трансорт и врски.

Потоа Министерството бара да биде информирано од Општина Струмица за преземените меркии тоа во рок од 15 дена.

На крајот наведува дека „непостапувањето по укажувањето ќе претставува основ за поднесување барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд за констатираните неправилности“.

dokument 4 strumica zemjiste

Инаку, Министерството за транспорт и врски ги утврдило неправилностите откако негови службени лица извршиле надзор во Општина Струмица за дадените објави и спроведени постапки за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање.

НетПрес вчера објави дека Општината Струмица на 30 октомври 2012 година, спровела постапка за електронско јавно надавање преку која било продадено земјиште со површина од 66.450 метри квадратни, по почетна цена од едно евро за еден квадрат. Цената за која било продадено земјиштето во Струмица на наддавањето достигнала само 71 денар за метар квадратен. Купувач на земјиштето е Горан Крстев, бизнис партнер во повеќе фирми на Заеви, поточно на Вице, братот на струмичкиот градоначалник. Исто така, Горан Крстев е човек кој беше вмешан и во аферата Глобал, за која Зоран Заев беше аболициран од тогашниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски. Тогаш фирмата која го градеше Глобал беше во сопственост на Горан Крстев.

Од документацијата до која дојде НетПрес, се гледа дека потписници на договорот за отуѓување на градежното земјиште со огромната површина, од над 66.000 м2, се токму градоначалникот Зоран Заев и Горан Крстев. Односно ова значи дека Зоран Заев го продава земјиштето на бизнис ортакот на фамилијата Заеви, Горан Крстев. Но, скандалот не застанува тука.

Горан Крстев дел од земјиштето кое од Заев и Општина Струмица го купил за цена од само 71 денар, два месеци подоцна го препродава за 6 пати повисока цена односно за 430 денари за метар квадратен.

Имено Горан Крстев дел од парцелата која ја купил преку елетронската аукција од Општина Струмица со вкупна површина од 5.802 м2 ја продава на фирмата Фико Пласт ДООЕЛ Струмица за сума од 2,497.761 денари. Според овој договор, цената за прораден метар квадратен кое Горан Крстев го купил по 71 денар сега изнесува 430 денари по квадрат односно добива 6 пати поголема заработка. Еден ден претходно Крстев отуѓил уште еден дел од земјиштето кое го купил од Зоран Заев. Го продал на фирмите ДПТУ ТИМАС ДООЕЛ Струмица, и ДПТУТ ЛОТУС-ММ ДООЕЛ Струимица. На овие две фирми тој им продал 3.626 м2 за сума од 1,560.993 денари, која е исто така за шест пати повисока цена од она што претходно го купил од Општината Струмица.

Двата договори на Крстев до кој дојде НетПрес му овозможуваат чиста заработка зголемена за цели шестпати.

Реакцијата на општина Струмица која беше целосно без аргументи, поткрепена единствено врз тоа што спогодбата била раскината, факт кој не е сокриен и е потврден во самиот текст на НетПрес, може да се сфати како атак врз слободата на медиум со цел да се дефокусира вниманието од неправилностите и оштета на буџетот што бил констатиран од Министерството за транспорт и врски. Она што го прави НетПрес е едноставно читање на официјални документи. Оттука општина Струмица нема проблем со НетПрес чија задача е откривање на вистината туку со неправилностите и матните зделки кои самите ги направиле. Со заканата за тужба се врши класичен притисок врз НетПрес како медиум, како и врз слободата на изразување.

Горан Крстев е дел од бизнис мрежата на Заеви. Оваа мрежа на бизниси на Заеви по се’ изгледа им е добро разработена. Ваквата продажба на земјиште не е единствениот скандал. Претходно беше објавено дека Зоран Заев на фирмата на својот пријател и бизнис партнер на неговиот брат Вице Заев, Горан Крстев, изминативе пет години и’ овозможил да стекне повеќе од 1,6 милиони евра, преку јавните набавки кои фирмата Јавор Шпед ДООЕЛ Струмица во изминативе пет години ги склучувала со Општина Струмица и општинските институции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.