„Ворија“: Заев ги прифаќа барањата на Албанците со кои се менува државноста на Македонија

Барањата на Албанците кои што излегуваат од Охридскиот рамковен договор, се чинат прифатливи за опозицискиот лидер Зоран Заев, а со нивното прифаќање суштински ќе се смени досегашната државност на Македонија. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, оваа теза и натаму доминира во извештаите на грчките медиуми и онлајн изданија, кои што со голем интерес периодов го следат развојот на настаните во нашата земја.

Во последната анализа на онлајн изданието „Ворија” се вели дека секоја одлука што периодов ќе биде донесена во Македонија ќе биде клучна не само за развојот на земјата, туку и за нејзината егзистенција.

„Во една несовесна акција без преседан, албанскиот премиер Еди Рама им наложи на четирите албански партии во пј Р Македонија да бараат права за Албанците во земјата, надвор од она што е предвидено со Охридскиот договор во 2001. Бараат учество во преговарачкиот процес со Грција, регрутација на 50 проценти Албанци во безбедносните служби, полицијата, армијата и владините канцеларии и институции. А пред се бараат воведување на Албанскиот јазик како официјален во земјата. Ако сево ова се прифати, тоа ќе формира една нова состојба во земјата, која што радикално ќе ја смени суштината на нејзината досегашна државност. Од она што досега е одиграно, се чини дека главна пречка е прашањето за јазикот, а еднаквата застапеност на Албанскиот со Словенскиот јазик е нешто што Груевски го одбива, но Зоран Заев го прифаќа”, пишува „Ворија”.

Во продолжение на текстот се вели и дека барањата на лидерот на Сојузот на Албанците, Зијадин Села се движат од опсегот на примена на Албанскиот јазик па се до продолжување на мандатот на СЈО, а со крајна цел менување на Уставот.

„Тој истакна дека со цел да се приклучат на коалицијата со Зоран Заев, најпрвин мора да се регулира легислативата за Албанскиот јазик, да разговараат повторно за буџетот и да го продолжат рокот на истрагата на специјалното обвинителство за скандалите на Груевски. И тогаш тоа ќе биде време за промена на Уставот”, се вели во текстот.

Во последната анализа на весникот “Етнос” пак, на оваа тема, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски беше критикуван за национализам, поради неприфаќањето на албанските барања, но и на барањата за промена на уставното име, што не е случај и со неговиот противник, лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Според “Етнос”, евентуалната влада формирана од Зоран Заев ќе имала нов пристап кон евро-атлантските односи, а во прв ред, кон прашањето за името, бидејќи тој и неговата партија, исто како и албанските партии, неколку пати истакнале дека се “залагаат за решение на прашањето за името.

„Зоран Заев ќе ги прифати критиките дека направил премногу отстапки кон албанскиот елемент, а нема да биде лесно да се одолее ни на стигмата за “продажба на името”, но за прв пат во последната декада можеби се создаваат услови за да се бара компромис на прашањето за името”, пишува „Етнос“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.