Заев ги растура снимките низ Македонија и Србија

Според тоа, ако фолдерот „СДСМ-Заев“ со снимките во компјутерот на криминалците бил креиран во септември, може да се претпостави дека предавањето на снимките настапило тогаш. Но ова не ја исклучува можноста во фолдерот да се додавани снимки и по септември, па дури и во текот на ноември и декември. Изворите од истрагата велат дека се’ уште не е направена анализа кога снимките се ставани во фолдерот.

Правниците велат дека за оние снимки што се добиени пред средината на ноември ќе важи старото решение со гонење по приватна тужба, а за снимките што се дадени по средината на ноември тој што ги дал ќе се гони по службена должност и ќе се соочи со казна до 4 години затвор.

Заев: Истражните органи да кажат какви материјали се нашле

Провладините медиуми рекоа дека материјали од прислушуваните медиуми биле пронајдени кај осомничени лица. Ако е точно, барам истражните органи да кажат какви материјали се нашле, изјави вчера попладне лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев.

Тој смета дека премиерот Никола Груевски сега преку пропагандата се обидува да се спаси од специјалното обвинителство и од Анкетната комисија.

– Го прават истото сценарио како кога почна проектот „Вистината за Македонија“. Може да реагираат колку сакаат, но „Вистината на Македонија“ ги покажа вистинските криминалци. Јавноста знае дека јас лично ги повикав граѓаните што поседуваат какви било материјали и докази да го достават до мене, до медиумите. Се гледам со сите што се охрабруваат да помогнат во разобличувањето на оваа криминално-корупциска власта – изјави Заев.

Kомуникацијата со некого не значи амнестија

За тоа дали е спремен на оставка или, пак, каков и да е коментар за информациите од истрагата три дена молчеше и Спасовски, за вчера да изјави дека истрагата е повеќеслојна и треба да се почека да заврши во целост.

– Имам контакт со многу граѓани и од оваа позиција и од претходната и тоа не е важно. Се води истрага против секој што направил криминал или е осомничен. Тоа со кого јас сум контактирал, не амнестира никого, ниту мене. Времето на медиумски хајки заврши. Доаѓа време на законски и професионални истраги – изјави министерот.

Од саботата кога Јавното обвинителство објави дека на две локации во Скопје се пронајдени докази за фалсификувани документи и тројца осомничени за тоа, не стивнуваат информациите за поврзаноста со „Бихаќска“. Првин излегоа фотографии на осомничените со Спасовски, а потоа и докази за нивна меѓусебна комуникација.

Заев и Спасовски збунети и без одговор за инволвираноста во „Фабриката за афери“
Заев и Спасовски збунети и без одговор за инволвираноста во „Фабриката за афери“

Оставка на Спасовски? Во ниту еден случај

Во ниту еден случај! Ова е одговорот на Горан Сугаревски, координатор на пратеничката група на СДСМ, за тоа дали партијата и пратениците од оваа партија размислуваат да побараат оставка од својот сопартиец Оливер Спасовски од местото технички министер за внатрешни работи поради информациите за негова поврзаност со криминалната група со фалсификуваните лични карти.

Прашањето за политичка одговорност на Спасовски го отвори и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Антонио Милошоски во името на членовите од ВМРО-ДПМНЕ на Анкетната комисија за скандалот за прислушувањето побара како сведоци пред ова тело да се појават Зоран Заев, но и Спасовски и првоосомничениот во оваа афера, Захир Бекири, за да ја објаснат меѓусебната поврзаност.