Заев го допре дното: Во недостиг на криминал објавува приватни телефонски разговори

Ниту денешната „бомба“ на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, за која беше најавено дека ќе обелодени скандал најголем во историјата на земјава, па и регионот, не предизвика ниту најмал потрес. Заев овој пат отиде чекор подалеку, па почна да објавува приватни телефонски разговори на функционери со нивните најблиски. Дека „бомбите“ на опозициската СДСМ го немаат нивниот очекуван ефект се покажа и со последниот телефонски разговор, меѓу министерот Јанакиески и неговата сопруга, Сања, преку кој само се потврди дека Владата навистина работи 24/7.

Иако, лидерот неколку месеци наназад зборува дека ќе објави материјал во кој јавноста ќе има можност да слушне каков криминал правела владата, во ниту еден од објавените креирани материјали и денеска граѓаните не успеаја да слушнат за криминал и корупција.

На денешната прес – конференција на СДСМ во најголем дел беа објавени креирани разговори меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во кои во ниту еден момент не се слуша како тие договараат криминал, како што со месеци обвинува опозициската СДСМ. Во разговорите може да се чуе како се споменуваат бројки на проценти или суми, меѓутоа  во ниту еден момент не стана збор на што истите се однесуваат, со што не може да се дефинира дека станува збор за криминал.

Заев денеска најави скандал најголем во историјата, притоа свесно премолчувајќи го периодот на скандалозната приватизација на претпријатијата, од која и ден денес се чувствуваат последици, а се случи во времето кога СДСМ беше на власт, како и криминалната изградба на трговскиот центар Глобал, за која Зоран Заев зема поткуп од осум милиони евра, а подоцна беше аболициран од страна на тогашниот претседател, денешен екс лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Одговарајќи на новинарско прашање на Нетпрес за тоа дали наскоро ќе слушнеме разговори од функционерите на опозицијата, Заев рече дека наскоро ќе бидат објавени разговори, во кои, како што кажа ќе може да се проследи какви притисоци трпела опозицијата. Oва уште еднаш оди во прилог на тврдењето дека СДСМ и Заев селективно објавуваат креирани разговори.

Тука мора да се присетиме и дека лидерот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош Стевче Јакимовски во неколку наврати го повика неговиот довчерашен сопартиец да објави телефонски разговор кој се водел на 14.02. 2013-та година во 14. 30 часот, но за ова Заев сеуште молчи и досега не дал ниту навестување дека наскоро јавноста ќе има можност да го слушне и овој разговор.

Во меѓувреме, додека опозицијата се занимава со таканаречени бомби, Владата продолжува со спроведување на ветените проекти од програмата. Воедно на денешната собраниска седница премиерот одговарајќи на пратеничкото прашање на пратеничката Роза Топузовска Каревска рече дека целта на Зоран Заев е да изврши дискредитација на луѓето кои ја имаат добиено довербата од граѓаните и додаде дека целта на оние кои нелегално ги снимиле телефонските разговори е да се предизвика дестабилизација.

Тој воедно потенцира дека не случајно е избран токму овој момент и дека тие нашле човек кој што е доволно слаб, алчен, и којшто ќе се нафати да биде нивни инструмент.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.