Македонија

Заев го злоупотребува случајот со Нешковски за политичка корист

Заев го злоупотребува случајот со Нешковски за политичка корист

Откако СДСМ во денешната таканаречена 29- бомба објави искреирани материјали од прислушувани телефонски разговори во врска со случајот на Мартин Нешковски на површина излезе дека однапред е договорена манипулацијата со убиството на Нешковски, пишува порталот „Курир“.

Неколку факти индицираат дека СДСМ и Зоран Заев овој случај  брутално го злоупотребуваат во своја политичка корист во борбата да и наштетат на актуелната власт.  Додека траеше прес- конференцијата на СДСМ, истата уште незавршена се појавија транскрипти на разговорите во медиумите на СОРОС, што укажува дека медиумите кои се под закрила на оваа фондација претходно биле координирани.

Веднаш по завршувањето на прес-конференцијата на Заев, на истите овие портали масовно почна да се шири повикот за протест пред Владата.  Протестот за кој се прават обиди да се прикаже како граѓански, впрочем е партиски.

Како и многу пати досега, кога треба да се организираат протести за потребите на опозицијата, по претходен повик и организација на општинските организации на СДСМ од Центар се вадат безмалку истите луѓе на протест пред Владата, како и на сите претходни протести.

Сериозните сомнежи дека манипулацијата со убиството на Нешковски е однапред договорена стратегија на СДСМ дополнително го подгрева фактот што на порталите на СОРОС како Плусинфо веднаш по пресот на Заев се појави банер со најава за протестот пред влада, за чија изработка претходно се потребни повеќе часа.

Во однапред договорената стратегија очигледно влегува и интервјуто на братот на Мартин Нешковски за порталот Нова ТВ со Борјан Јовановски, кое беше веднаш објавено по завршувањето на прес-конференцијата на Заев, а за кое не се исклучува можноста таквото интервју однапред да е снимано и однапред планирано. Дополнително, бомбата на Заев новинарите на СОРОС  ја најавуваа уште од претходниот ден.