Заев и Борисов: Не се мешаме во работата на црквите, но ги охрабруваме да најдат решение

Како влади и како политичари го почитуваме секуларниот карактер и не сакаме воопшто да се мешаме во работата и соработката на двете цркви, но ги охрабруваме да се изнајде решение во духот на добрососедството и пријателството, порачаа македонскиот и бугарскиот премиер Зоран Заев и Борко Борисов во четвртокот од Струмица каде што се одржува заедничката седница на двете влади.

Во врска со писмото што Македонската православна црква – Охридска архиепископија го упати до Бугарската православна црква, премиерот Заев рече дека се работи за прашање меѓу двете цркви, но оти може да ги охрабрат да изнајдат решение.

„Се надевам дека ќе дојде до меѓусебно признавање, бидејќи за нас како Македонска православна црква – Охридска архиепископија автокефалноста е многу важна. Прашањето е меѓу двете цркви. Наше е да охрабриме да се изнајде решение во духот на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји“, истакна Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

И бугарскиот премиер Борисов нагласи дека не сакаат да се мешаат во работата на црквите, но оти ќе бидат среќни двете цркви да соработуваат, како што двете држави соработуваат на политички план.

„Не се мешаме во работиме на црквата. Навистина ќе бидеме среќни доколку нашите цркви работат и меѓусебно си помагаат ин заеднички проповедаат, како што тоа ние го правиме на политички план“, рече Борисов.

Упати и благодарност до владиката Наум и другите владици од коишто претхоно претпладнето двете делегации беа пречекани во манастирот во  Водоча.