Заев и Ципрас на дофат на решение за името?!

Грчките медиуми ја истакнуваат разликата меѓу кусата изјава на медијаторот Метју Нимиц, и должината на средбата со министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас која траеше повеќе од шест часа, како и фактот дека двајцата преговарачи не дадоа изјави, туку најавија дека ќе ги брифираат премеиртите на двете земји, и тоа според нив значи дека има извесни поместување во позциите во преговорите.

Медијаторот Нимиц во исклучително кратката изјава за медиумите истакна дека разговорите биле сериозни, „на моменти тензични“, но и оти била „завршена и позитивна работа“.

„Средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, работевме напорно, на моменти интензивно. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија. Во основа ова е пораката што ја имам“, рече Нимиц, но не даде други детали, а Димитров и Коѕијас не дадоа изјави за јавноста.

Според тоа, се оценува дека решението сега е во рацете на премиерите Зоран Заев и Алексик Ципрас, кои на 17-ти мај ќе се сретнат во Софија, како продолжение на обидите да се изнајде решение за спорот со името. Заев во април годинава изјави дека кога јавноста ќе чуе најава за нивна нова средба, тоа би значело дека има шанси да се постигне достоинствено решение за државата.

Ден по разговорите меѓу Димитров и Коцијас грчите медиуми излегоа со идентични оцени преку насловите: „Во рацете на Заев и Ципрас е палката за скопското прашање“, „Средбата Ципрас – Заев: Нов прозорец за решение“.

Во дел од коментарите, според грчката државна телевизија ERT, средбата на Коѕијас и Димитров со Метју Нимиц, во траење од шест часа, довела до совпаѓање на позициите и го отворила патот за средба на двајцата премиери. Коментарот пак на централните вести на телевизија Alfa, пак, беше дека доколку немало напредок во разговорите, немаше да се закаже средбата на двајцата премиери.

„Во рацете на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев поминува следниот круг преговори за скопското прашање. Коѕијас и Димитров во сенка на храмот на Посејдон во Сунио ги доведоа преговорите во крајната фаза и сега клучните одлуки се пренесуваат на највисоко ниво“, објави телевизијата
Antena.

Постигнување договор за постепено комплетирање на деталите во следните две години пишува и грчкиот весник Ta Nea.

„ При првото читање, најважниот елемент на оваа верзија на договорот е појавувањето на намерата на соседите да го прифатат за севкупна употреба (ерга омнес) името што ќе се договори (преовладуваат имињата Горна Македонија, Нова Македонија)“, пишува весникот и коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата.

„Палката за решавање на името веќе е во рацете на премиерите на Грција и ПЈРМ, по средбата на министрите за надворешни работи на двете земји со Метју Нимиц. Разликата и натаму е за ерга омнес, додека, пак, во изминатите часови се чини дека на преговарачката маса се наоѓа конечниот предлог на Скопје“, напиша Та Nеа. Весникот објави претходно дека на масата е сценарио за решение во рок од две години, за Македонија да го имплементира „ерга омнес“ преку уставна ревизија.

И покрај тоа, што од преговорите во Сунио немаше подетални информации, некои грчки весници објавија анализи околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна. Тоа би значело да ѝ се даде доволно време на Македонија за да одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија.

„Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана)“, пишува Kathimemerini.

Според весникот, за придвижување кон договор за Грција е неопходно е да се исполни условот за името да биде ерга омнес.

„Според Атина, не треба да постои никаков прозорец, па дури и во внатрешноста на ПЈРМ, во кој земјата изолирано ќе го користи терминот ’Македонија’. Се’ ќе треба да упатува на новото име, без разлика дали тоа ќе биде ’Горна Македонија’ или некое друго“, пишува весникот и додава дека ерга омнес води до промена на Уставот.

 

Се огласи и грчиот претседател Прокопис Павлопулос кој истакна дека евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција треба да му претходи уставна промена и потенцираше дека тоа не било грчко барање, туку барање „што се однесува на Европската унија, на европското законодавство и на почитувањето на тоа што генерално значи меѓународно законодавство“.

„Пред да стапи во сила договорот и пред да се комплетира содржината, потребно е да има претходна ревизија на Уставот на нашата соседна земја, на поранешната југословенска Република Македонија, затоа што, ние Европејците што го имаме овој демократски менталитет не можеме да замислиме дека една земја прифаќа, тоа треба да го направи и поради почитување на нејзиното уставно законодавство, не можеме да замислиме дека една земја, доаѓа и потпишува Меѓународен договор, се обврзува меѓународно, прекршувајќи го нејзиниот Устав“, кажа Павлопулос.

Во Скопје, пак, се поставува прашањето дали постојат шанси да се дојде до достоинствено решение за името на државата, веќе на првата наредна средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Македонските политички аналитичари имаат различни оцени за резултатите од средбата на двајцата шефови на дипломатијата под посредство на медијаторот.

Според Петар Арсовски, преговорите индицираат дека многу малку од прашањата се останати недоразрешени.

„Двајцата министри за надворешни работи изгледаа многу убедени дека решението изгледа достоинствено, така што во оваа фаза има простор за оптимизам. Сепак, не треба да се прејудицира ништо, бидејќи како се приближуваме до конечниот договор, остануваат прашањата кои се се потешки за решавање. Меѓутоа, во оваа фаза може да се каже дека има простор за решение до Самитот во Софија или до јули“, анализираше Арсовски за Канал5.

Смета дека двете страни, не само Македонија како што се смета во јавноста, во желба за постигнување компромисно решение отстапиле од цврстите позиции.

„Кога ќе се отвори целиот пакет, ќе видиме дека Грција ретерирала многу од своите позиции и дека голем дел од работите, имајќи го предвид оптимизмот на МНР дека Македонија добила голем дел од барањата. Во таа смисла мислам дека Грција има разбирање за политичката ситуација во Македонија и дека договореното и ратификацијата на договореното ќе дозволи да се одвива со некаква динамика која е паралелна со евроатланските интеграции. Тоа покажува на разум и на желба да се реши проблемот“, рече Арсовски.

Професорката Тања Каракамишева, пак, на својот фејсбук-профил објави дека договорот меѓу Димитров и Коѕијас е постигнат и двајцата премиери ќе го потврдат на 17-ти мај, а тој е Горна или Нова Македонија без превод.

„Договорот меѓу Димитров и Коѕијас постигнат денес, а ќе го потврдат на 17-ти мај двајцата премиери е: да се пристапи кон решение сега преку потпишување меѓународен договор, а да се имплементира во рок од две години! Решението е Горна или Нова Македонија без превод! Кажете му на народот дека договореното решение е да не прекрстат во Горно/Ново Македониџани за севкупна употреба! Ова на нашите деца, внуци ќе им стои во изводот на родени, во патните исправи, личните карти, во сите документи! Горно Македониџани или Северно Македониџани поздрав!“, напиша Каракамишева.

Ист е ставот и на лидерката на Глас за Македонија, Солза Грчева.

„’Нашиве’ се согласиле и на ерга омнес, Македонија се брише од сите тефтери и внатре и надвор, и на промени во Уставот. За тоа мораат да си обезбедат мнозинство во Собранието. Затоа им е дадена 1-2 години рамка. Нема да им е тешко како тргнала работата. Сето ова без национален консензус“, напиша Грчева и обвинува дека за таа цел, парламентарните избори ќе бидат наместени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.