Заев и двајца министри во официјална посета на Србија

Премиерот Зоран Заев престојува во официјална посета на Република Србија на покана на српската премиерка Ана Брнабиќ, со која денеска ќе има тет-а-тет средба, јавува МИА.

По средбата делегации на двете влади, предводени од премиерите ќе одржат заедничка пленарна средба, на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите.

Во македонската владина делегација се заменикот претседател на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски. Од српска страна на средбата најавено е учество на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и министерот без ресор задолжен за иновации и технологија Ненад Поповиќ.

По пленарната средба на делегациите на двете влади, предвидена е заедничка прес-конференција на двајцата премиери.

Владината делегација, предводена од Заев ќе биде примена и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Посетата на Белград премиерот Заев ја завршува со средба со претставници на македонската заедница во Србија, кога ќе предаде донација на соодветна литература по македонски јазик, лектири и помошни наставни средства со цел на зајакнување на процесот на изучување на предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.