Македонија,Политика

Заев и неговата општина го кршат законот

Заев и неговата општина го кршат законот

Општина Струмица и Зоран Заев го кршат законот рекламирајќи се во комерцијален медиум во период кога не се дозволени реклами на јавни институции, пишува порталот „Курир“.

Општина Струмица на насловна страна го рекламира Струмичкиот карневал во опозицискиот весник „Слободен печат“. На рекламата, која се наоѓа во долниот дел од насловната страна на весникот, може да се забележи и логото на Општина Струмица.

Според претседателот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, рекламирањето на Општина Струмица во овој период претставува кривично дело за кое треба да одговара градоначалникот на општината, која всушност го крши законот.

„Не смее да се рекламира во овој период. Тоа е кривично дело и треба да одговара градоначалникот на општина Струмица, а не весникот Слободен печат. Одговорноста е на функционерот кој пушта реклами“, вели Трајчевски во изјава за „Курир“.

Тој додава дека за печатените медиуми треба да реагира Државна изборна комисија (ДИК) и Државна комисија за спречување корупција (ДКСК), бидејќи тие се надлежни.

Останува нејасно колку чини ваквото рекламирање на Општина Струмица и на каков начин баш „Слободен печат“ е избран од страна на општината со која раководи првиот човек на СДСМ, Зоран Заев.

Исто така, енигма е и тоа во каква постапка општината одлучила да се рекламира во „Слободен печа“, ако се има предвид дека рекламниот банер не може да се забележи во останатите дневни весници, кои се со далеку поголем рејтинг и тираж од весникот чиј главен и одговорен уредник е Бранко Героски, новинар кој отворено ја поддржува и промовира политиката на опозицијата.