Заев игра валкана политичка игра

Лидерот на „Алијансата на Албанците“, Зијадин Села го обвинува премиерот Зоран Заев за притисок врз опозицијата за проширување на владејачката колаиција. Според поранешниот коалициски партнер на СДСМ, тоа е валкана политичка игра на Заев насочена кон опозицијата во албанскиот политички блок.

Во демократија опозицијата е орган на суверенитетот на граѓаните, многу витален, колку и самата власт. Да ја притискаш опозицијата, значи да ги притискаш граѓаните, напиша Села на својот Фејсбук профил.

Според Села, Заев ја губи довербата кај албанскиот електорат и затоа прави план за деградирање и понижување на албанската политика, присвојувајќи ги политичките субјекти и укажувајќи им да внимаваат што ќе кажат во јавноста, зашто во спротивно нема да бидат дел од владината коалиција.

Но, овој план нема да помине. Постои опозиција, ние сме со вистинските опозициски Албанци, вели Села.

Села ја напушти Владата откако СДСМ го презема Министерството за здравство, а тој ја одби понудата за вицепремиерско место за реформи. Доколку двете крила на Беса и ДПА влезаат во парламентарното мнозинство, што го најави како можност премиерот Заев, Алијансата на Села, која брои сега двајца пратеници, би останала единствена опозициска партија во албанскиот блок во парламентот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.