Македонија

Заев: Милионски пенали доколку Клиничкиот центар не се гради на сегашната локација

Заев: Милионски пенали доколку Клиничкиот центар не се гради на сегашната локација

Доколку Владата одлучи да не се гради Клиничкиот центар на постојното место, ќе треба да плати пенали од околу 5,5 милиони евра, поради тоа што е потпишан договорот, посочи во средата премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашања од пратениците.

Банката на Советот на Европа не се согласува со втората локација и доколку ја избереме,  Македонија треба да и плати 5, 5 милиони евра оштета на Банкатa, рече Заев посочувајќи дека тоа им било речено на средбата со преставници на Банката на Советот на Европа.

„Доколку се одлучиме да градиме на нова локација, ако ја почнеме сега процедурата  камен темелник ќе ставиме за пет години и вредноста ќе се движи од 450 до 500 милиони евра. За тоа време ќе треба да се урне се што е на местото на сегашниот Клинички центар, да се изградат згради и нови објекти за да има внес на пари. Сегашната цена, со овој постоечки договор кој е склучен во време на екс министерот Тодоров изнесува 85 милиони евра“, рече ж Заев.

Премиерот објасни дека анализата покажала дека се работи за тендер со законски исправно решение и избор на изведувач кој има банкарска гаранција и бонитет и дека се расчистени сите правни и формални дилеми.

„ Дилемите се расчистени што се однесува до правно-формалните аспекти иако секогаш може да се направи дополнителна истрага. На тендерот нема дилема за постапката за избор на изведувачот. Она што е проблематично е слабата организација на сообраќајот на оваа локација. Генерално дилемата е дали во цела гужва таму треба да се гради Клинички центар. Проблемот е сообраќајното решение кое сега има 330 паркинг места, а потребни се 3.700“, додаде Заев.

Премиерот најави дека со новата организација се предвидени две катни гаражи, едната на Водњанска, под  училиштето Кочо Рацин и втората кај МВР. Втората катна гаража која е предвидено да има 2.200 паркинг места, може да се гради веднаш,  независно од Клиничкиот центар,

Рече уште дека предлогот за нов Клинички центар во Бардовци детално бил презентиран пред Владата, а оти на новата можна локација кај Визбегово изградбата би чинела меѓу 450 и 500 милиони евра.

За новата локација кажа дека е во Бардовци, блиску до индустриската зона во Визбегово, и оти е погодна поради близината на обиколницата и пристапот на западниот и источниот дел на Македонија, но и лесниот пристап на граѓаните на Скопје.

Премиерот нагласи дека конечната одлука каде ќе се гради новиот Клинички ценатр ќе биде донесена деновиве. Заев на пратеничко прашање за изградбата на новиот Клинички во Скопје изјави дела доколку се гради на нова локација, најрано камен темелник ќе има за пет години.

Новиот Клинички ќе се гради во пакет со штипската клиничка болница и уште неколку други клиники и целиот проект ќе чини 140 до 150 милиони евра. Дел од  овие средства се за опрема и обука на кадар.

Заев истакна дека се’ уште нема избрано надзорен орган кој ќе ја надгледува и следи изградбата, а за новата локација, доколкубиде избрана,  нема градежна дозвола. Рече дека се’ уште немале средба со изведувачот италијанската фирма бидејќи се’ уште не се  знае дали тие ќе го градат Клиничкиот центар.