Заев молчи по ставот на Груевски дека е подготвен за предвремени избори

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја фрли ракавицата за предвремени парламентарни избори, пишува Лидер. Во интервјуто за МТВ, премиерот Груевски рече дека иако не ги посакуваат, ако опозицијата изрази желба, ќе се излезе на предвремени избори, на кои е сигурен дека победата повторно ќе ја однесе ВМРО-ДПМНЕ.

“Ако се доведе во прашање легитимитетот на нашето работење, на нашите проекти и активности, или на кој било начин се искреира некоја атмосфера за предвремени избори, ние сме подготвени за тоа. Ние во секој момент сме подготвени да одиме на предвремени избори. Во овој момент тоа ниту можам да го потврдам, ниту пак да го отфрлам”, изјави премиерот Груевски во интервјуто за Јавниот сервис.

Од опозицијата засега се без коментар. Не ја откриваат нивната стратегија, но прашање е кој најмногу би добил од една ваква разрешница, имајќи предвид дека многу активни во изминатиов период се ГРОМ на Стевче Јакимовски и Алијансата за позитивна Македонија. Ако се земе дека и Јакимовски и Бучковски доаѓаат од опозицискиот блок, сосема е логично нивните партии да откинат дел од гласачкото тело на СДСМ. Колкав ќе биде тој дел, засега само се претпоставува, но најверојатно веќе се прават пресметките.

Јакимовски вели дека неговата партија е подготвена и ги повика парламентарните политички партии во април да организираат предвремени избори.

“Ги повикувам најголемите парламентарни политички партии во државата да се однесуваат крајно сериозно во наредната изборна година. Доколку во наредната, 2014-тa година, во април се организираат само претседателски избори, постои сериозна шанса Македонија да влезе во уставна криза, да не се избере претседател. ГРОМ апелира да се оди на предвремени парлементарни избори заедно со редовните претседателски”, изјави Јакимовски на Централниот одбор.

Дека се подготвени за предвремени избори, потврдија и од Алијанската за позитивна Македонија. Љупчо Зиков на отворањето на канцеларијата на партијата во Скопје истакна:

„Македонија се наоѓа пред период кога ќе се кршат копјата за предвремени парламентарни избори, кои најискрено мислам дека и се потребни на државата. Сите настани што се случуваа изминативе години на политичката сцена предизвикаа многу фрустрации. Насобрана е многу негативна енергија. Сметам дека на Македонија и треба смирување на политичката сцена, а потоа и помирување. Ние уште еднаш порачуваме дека сме подготвени за предвремени избори”.

Оттука и прашањето: дали молкот на опозициската СДСМ значи дека се плашат оти ГРОМ и Алијансата за позитивна Македонија ќе откинат дел од нејзините гласачи и дека знаат оти се уште не се подготвени да и се спротивстават на моќната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ? Дел од експетската јавност ја препознава резервираноста кај Социјалдемократите.

„Опозицијата и покрај тоа што тврди дека власта е во паника, знае дека и недостасуваат 100.000 гласови. Според мене, во оваа ситуација постојат две гледишта: првото е дека постојат структури, луѓе во партијата на Заев кои сметаат дека треба да се учествува на претседателските избори, а второто е стојалиштето дека треба да одат на отпор и да бојкотираат избори. Според мене тие треба да се решат, а ако одат на отпор тоа за нив ќе биде крај“, смета политичкиот аналитичар Ивица Боцевски.

И политичкиот аналитичар Сашо Клековски смета дека изјавата на премиерот е во насока на одржување на предвремени избори.

„Прашањето за предвремени парламентарни избори беше предмет на мартовскиот договор и тогаш се водеа разговори околу ова прашање, иако се негираше тоа. Тогаш опозицијата бараше предвремени парламентарни избори, па изјавата на Груевски сега оди во таа насока. Останува на раководството на СДСМ да процени што ќе добијат, а што ќе изгубат од предвремените избори. Важен фактор е и доколку има парламентарни избори во кој период би се одржале, дали во април или во некој друг период, а исто така многу важна улога ќе има исходот од претседателските избори“, објаснува Клековски.

Последните анкети ја објаснуваат сигурноста на ВМРО-ДПМНЕ. Истражувањето на јавното мислење спроведено од Институтот Димитрија Чуповски, покажа дека владејачката партија би ги добила гласовите на 24,8% од гласачите, додека СДСМ би добила 14,8%, со што ВМРО-ДПМНЕ би ја задржала убедливата предност. Анкетите на овој Институт, заедно со оние од Институтот Павел Шатев, се покажаа како најточни во прогнозата за изминативе локални избори, на кои владејачката партија однесе убедлива победа.