Заев: На изборите глас за сопствената иднина

Ова се избори за нашата Македонија и затоа одговорноста е многу голема. Добивате шанса да изберете каква иднина сакате, 11 декември е глас за сопствената иднина, порача вечерва на централнит митинг во Скопје на Коалицијат за „За живот во Македонија“  лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа за пратеници во И.Е. 4 Зоран Заев.

Претставувајќи го „Планот за живот во Македонија“ на Коалицијата предводена од СДСМ, рече дека со него се нудат можности за сите, повисок стандард, правично општество, функционални институции…

– Ова е план за повисоки плати, за просечна плата од 30.000 денари, за силна поддршка на домашните фирми, за вракање на парите кај граѓаните и намалување на давачките, за институции во служба на граѓаните,…,  рече Заев, дополнуваќи дека нудат можности младите да останат во државата.

Ова, нагласи Заев, е план што ја носи Македонија во чекор со Европа, таму каде што припаѓаме. Клуч за напредок, според него, е стабилноста на Македонија.

-Ова не е обична изборна кампања, не се избори на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ,  ова се избори за вашите и нашите животи и за нашата Македонија, поради што одговорноста е многу голема, порача Заев.

Се обрати до младите посочувајќи дека ги разбира нивните потреби, и оти нудат мерки за нив како што е 10.000 евра за отворање сопствен бизнис, бесплатен деловен простор во „Старт ап центри“, кредити со само еден процент годишна камата.

Стабилна Македонија, порача Заев,  значи секој да си ја врши и да си ја сочува својата работа.

За да се спречеле промените во државата, според претседателот на СДСМ, ќе има обиди да се купат гласови, да се прават притисоци и да се зборува за апсурдни федерализации.

-Во недела ќе покажеме дека заедно можеме, сплотени како никогаш досега, со верба, со надеж и сигурност, и ќе гласаме за живот во Македонија. Нашиот глас ќе биде за правично, праведно и еднакво општество за сите кое ќе биде посветено на граѓаните, а не на функционерите, рече Заев.

Носителот на изборната листа во И.Е. 1 Стево Пендаровски, истакна дека на изборите ќе имаат победа со над 50 мандати, а носителот во И.Е.6 Петре Шилегов порача дека ќе се стави крај на поделбите, затоа што сите граѓани имаат исти потреби.

– Македонија припаѓа на сите подеднакво, како на мажите и жените така и на Србите, Албанците, Македонците, Бошњаците, Ромите, Власите. Оваа држава им припаѓа на младите и заврши времето на уцени, а на 11 декември институциите ќе се вратат во рацете на граѓаните, рече носителот на И.Е. 5 Радмила Шеќеринска.

Носителите на листите во втората и третата И.Е Оливер Спасовски и Љупчо Николовски истакнаа дека на „11 декември ќе се одбере иднина за живот во Македонија со враќање на правдата и на парите кај граѓаните“.