Заев на средба со претставници од ЕБРД: Има поттик на позитивна клима за развој на Македонија

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, се сретна во вторникот со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), потпретседателот Пиер Хелборн, придружуван од помошник директорот, Олег Левитин, регионалниот директор за Западен Балкан, Холгер Муент, извршниот директор за Македонија, Франс Векерс и директорката на ЕБРД во Македонија, Анка Јоана Јонеску.

На средбата бил констатиран поттик на позитивна клима и енергија од новата Влада за развој на Република Македонија, информираат од владината служба со односи со јавноста.

Претставниците на ЕБРД изразиле интерес и подготвеност за помош и поддршка на приватниот сектор во Македонија, преку финансиски проекти што вклучуваат развој и едукација на капацитетите на компаниите, поддршка на инвестиции во инфраструктурата, како и експертска помош во законодавството што се однесува на економскиот напредок на земјата.

„Владата е силно ориентирана кон развој на економијата во Македонија, отворање нови и подобро платени работни места и финансиска стабилизација на семејствата, а со тоа и на државата. Затоа ги разгледуваме и ги земаме предвид сите можности во нашата определба да го помогнеме развојот на домашните компании. Свесни сме дека отворањето на евро-атлантските перспективи ќе биде силен поттик и за странски инвестиции и затоа работиме на интензивна реформска агенда што ќе ги обезбеди“, рекол премиерот Заев.

Заев, исто таа, ја поздравил долгогодишната успешна соработка на Македонија со Европската банка за обнова и развој. Изразена е волја од двете страни за продолжување на соработката преку проекти што можат да придонесат во подигнувањето на животниот стандард на граѓаните во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.