Заев на средба со сенаторот Марфи: Македонија се движи во правилната насока во остварувањето на стратешките цели НАТО и ЕУ

Македонскиот премиер Зоран Заев се сретна во неделата вечерта со американскиот сенатор Крис Марфи придружуван од амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, при што како што соопшти владината прес-служба, било констатирано дека Република Македонија се движи во правилната насока, низ реформските процеси во земјата и чекорите на градење пријателства со соседите, на патот кон НАТО и кон ЕУ.

Сенаторот од САД, Марфи ги охрабрил премиерот Заев и Владата да ги понесат позитивните промени за иднината на Република Македонија. Исто така, сенаторот Крис Марфи пренел дека САД останува искрен пријател на Република Македонија.

Како што се наведува во соопштението, Заев во име на граѓаните на Македонија и на Владата, му се заблагодарил на сенаторот Марфи за големиот пријател што го има Република Македонија во САД, како и за целата поддршка и помош што ја добиваат граѓаните и државата од САД, во важните демократски процеси.

-Застанавме цврсто за концептот едно општество за сите, во што ја градиме Република Македонија. Се посветивме силно на реформите во државата и на конкретни исчекори во добрососедските односи. Водиме инклузивни политики на дијалог и разбирање. И очекуваме дека тоа ќе биде вреднувано и вратите на НАТО и ЕУ да се отворат за Република Македонија, рекол  премиерот Заев.

На средбата се разговарало за повеќе актуелни политички прашања во земјава и регионот. Заедничка е согласноста дека иднината на Република Македонија и на целиот регион е во НАТО и ЕУ, се наведува во соопштението.