Заев најави учество на СДСМ на изборите на 5-ти јуни

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска најави дека најголемата опозициска партија ќе учествува на изборите на 5-ти јуни. Рече дека во Македонија ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми.

Тој рече дека очекува Државната изборна комисија (ДИК) навреме да го прочисти Избирачкиот список  и наскоро да има регулација на медиумите.

 Сите наши информации укажуваат дека Државната изборна комисија, која е независен орган, ќе стигне навреме да го прочисти Избирачкиот список, а тоа е 15-ти април, кога се затвора Избирачкиот список и се става на јавен увид. Граѓаните го користат своето право, политичките партии го користат своето право за увид во Избирачкиот список. Десет дена пред изборите, тоа е 25 мај, се заклучува Избирачкиот список и се става на гласање. Очекуваме дека нема да излезат некои непознати, нерешливи проблеми за Државната изборна комисија за навреме да се заврши таа постапка. Истовремено очекуваме дека во многу скоро време ќе има и регулација на медиумите, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Кочани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.