Македонија

Заев не е Сноуден, еве и зошто…

Заев не е Сноуден, еве и зошто…

Прво и основно, Сноуден, Асанж и Манинг (војникот што ги достави информациите до Викиликс) ги објавија информациите поради свои сопствени и лични убедувања, а не во име на некаква политичка борба или со цел на тој начин да направат државен преврат и така насилно, без избори, да дојдат на власт. Зоран Заев веќе во неколку наврати говори дека излезот од политичката криза во Македонија го гледа во политичката, а не во институционалната разрешница.

На една од првите прес-конференции во СДСМ, кога Заев почна да ги објавува т.н. бомби, му беше поставено новинарско прашање „Дали се чувствува како Едвард Сноуден?“. Ова прашање беше исвиркано од страна на членството, но со својот последен настап лидерот на СДСМ покажа дека тоа прашање било сосема на место.

На почетокот Заев почна да објавува монтирани и креирани разговори, кои што требаше да ја прикажат власта како нечесна и криминална, но откако овие „бомби“ не го дадоа саканиот резултат,  лидерот на СДСМ се сврте кон објавување на приватни разговори, а скандалозно на последната прес-конференција се дрзна дури и да објави информации коишто имаат статус на државни тајни.

За кривичното дело „оддавање државна тајна“ во законот во Република Македонија  се предвидува казна во времетраење и до 10 години, соопшти вчера МВР, наведувајќи дека почнува да работи на изготвување на нова кривична пријава против лицето кое досега е осомничено за „Насилство спрема претставници на највисоки државни органи“ и „Поткуп“.

Имено, ставот 1 од членот 317 предвидува „ Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од една до десет години. Ставот 2 предвидува дека „Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе му соопшти, предаде или стори достапни податоци или документи за кои знае дека се 132 државна тајна, а до кои дошол на противправен начин, ќе се казни со затвор од една до пет години“. Доколку пак сторителот бил предмет на манипулација и делото го сторил од небрежност, согласно законот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Делото кое сега му се става на товар е предвидено и казниво согласно член 317 од Кривичниот законик, „Оддавње државна тајна“. За ваквото кривично дело во законот е запретена затворска казна во времетраење и до 10 години.

-Исто така е кристално јасен и ЗАКОН ЗА КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ кој во член 8 вели „Класифицираната информација со степен “ДРЖАВНА ТАЈНА” е информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија“.

Од МВР, преку соопштение вчера потенцираа дека лицето на срамната и недостојна прес конференција изнесе бројни конструкции и лаги.

„Тоа што е уште поважно, презентираше детали од Договор за донација кој што е класифициран со најголем степен на тајност, односно „Државна тајна“. Преку својот недоличен настап, осомничениот во случајот „Пуч“ го загрози кредибилитетот на македонските служби со што и директно ја доведе во опасност безбедноста на Република Македонија. Неговиот настап не може да се толкува никако поинаку освен како директен атак врз институциите на земјава и обид за урнисување на нивните капацитети. Освен кон македонските институции, со овој бесрамен чин, беше извршен атак и кон институции на држава, стратешки партнер на Република Македонија. Тој и практично, неосновано и недолично ја обвини Државата Израел дека исплаќала поткуп за да донира средства“, велат од МВР.

Катастрофалното објавување на лични податоци на високиот претставник на Министерството за одбрана на државата Израел, не е ништо друго освен напад врз институциите на државата Израел и директно загрозување на личната безбедност на нивното службено лице.

МВР, за да не останат нерасчистени дилеми околу лагата и конструкцијата на осомничениот, појасни оти станува збор за донација од Израел во 2011 година, а не за набавка на опрема за прислушување која и никаде не се споменува во разговорите. Донацијата се однесува на опрема за специјалните единици.

„Имено, како докажан пријател на Р. Македонија, тие понудија помош и заедно проценивме дека е најдобро тоа да биде опрема за подигнување на борбената готовност на нашите специјални единици. Истите префрлија 5.557.377 евра на сметка на компанија која имаше обврска потоа да ја набави опремата. Од тие средства 4.413.330 евра беа исплатени на производителот на опремата, додека остатокот од 1.144.047 евра беа исплатени во буџетот на Р. Македонија на име на царински давачки и данок на додадена вредност. Во компанијата не остана ниту едно евро од донацијата. Опремата пристигна во специјалните единици и во моментов се употребува. Провизијата која што се споменува е банкарска провизија. Бидејќи стануваше збор за префрлање на поголема сума пари и имаше одредени потешкотии и доцнење околу трансферите, нашите пријатели донатори одлучија да ја сменат банката и да ги префрлат парите преку кореспондентна банка од Будимпешта, која ги префрли парите во земјава“, истакнуваат од МВР.

Од МВР велат дека концептот бил да не се исплаќаат средства кон производителот на опремата се додека не стигнат сите средства од донаторот.

 Клучните разлики помеѓу Заев, Сноуден и Асанж

Ниту една земја не е целосно  имуна на упади во безбедносниот систем, како и на протекување на строго доверливи информации.  Последниот настап на Заев, не враќа неколку години наназад, кога светот беше шокиран од  вестите што беа објавени прво на вебсајтот Викиликс, чијшто основач е Џулијан Асанж, а потоа и од информациите што ги објави Едвард Сноуден.

Сепак, помеѓу Заев, Сноуден и Асанж, постојат огромни и суштински разлики, кои неможе а да не бидат спомнати.

Прво и основно, Сноуден, Асанж и Манинг (војникот што ги достави информациите до Викиликс) ги објавија информациите поради свои сопствени и лични убедувања, а не во име на некаква политичка борба или со цел на тој начин да направат државен преврат и така насилно, без избори, да дојдат на власт.

Бредли Манинг и Едвард Сноуден се двајца Американци кои биле фасцинирани од – и вешти во-  работата со компјутери и имале работни места на кои имаа пристап до некои од најтајните и чувствителни информации во САД. Тие одбраа да ги споделат информациите со светот и во моментов на овој или на оној начин ја плаќаат казната за тоа.

Војникот Бредли Манинг сподели илјадници строго доверливи информации за војните во Ирак и Авганистан, како и дел од преписката помеѓу дипломатите на САД, кои беа објавени од страна на Викиликс. Некои од овие информации исто така беа анализирани од најголемите светски медиуми.

Едвард Сноуден, поранешен вработен во ЦИА и во НСА, сподели информации со новинар на Гардијан, со кои потврди дека НСА работи со строго доверливи програми за надзор и  следење на телефонски повици и надгледување на електронската пошта и интернет комуникацијата на речиси сите Американци. Сноуден ја раскажа оваа приказна и се откажа од животот на Хаваи, отпатува во Кина и во моментов се наоѓа во Русија каде му беше осигурен привремен азил.

Манинг работеше како аналитичар во Ирак и така доби пристап до доверливите информации. На почетокот на неговото судење тој речиси еден час  даваше изјава за причините поради кои ги објавил информациите. Тој изјави дека информациите што ги споделил го „вознемириле“, но оти не очекувал дека со нив ќе им наштети на САД, доколку ги објави.

Сноуден, пак изјави дека тој само сакал јавноста да знае што прави владата.

-Јас сум само уште еден човек кој секојдневно седи во канцеларија, гледа што се случува. Ова не е нешто за што ние треба да одлучиме. Јавноста треба да одлучи дали овие програми или политики се во ред или се погрешни, рече тој.

Кај нас ситуацијата е сосема поинаква. Апсурдот да биде поголем, јавноста е сведок на тоа дека токму тој што тврди дека во Република Македонија нема демократија, секојдневно објавува информации, шири најразлични конструкции и шпекулации и „режимот“ не се справува со него „режимски“, туку напротив, за сето ова што го прави ќе треба дополнително да одлучат надлежните судски органи.

Второ, Заев тврдеше дека опремата била набавена за прислушување од страна на власта, која директно го вршела прислушувањето, но не е јасно зошто ако тоа е навистина така, луѓето што ја набавиле оваа опрема би се прислушувале самите себе си?!

Трето, Заев на почетокот тврдеше дека според нивните информации биле прислушувани функционери на опозицијата како и над 20.000 граѓани во Република Македонија, но досега ние освен разговорот помеѓу Заев и неговата ќерка, кој беше објавен на првата прес конференција немавме можност да слушнеме ниту еден друг разговор.

Исто така, тука неможе, а да не се напомене, дека лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, веќе во неколку наврати побара и го овласти Заев да го објави разговорот што тие двајца го воделе еден ден по одлуката на Јакимовски да се кандидира за градоначалник преку Српската напредна партија на Милетиќ, но досега Заев тоа не го направи, а наместо тоа почна да објавува државни тајни со што директно го наруши безбедносниот систем на државата.

Ако некој на почетокот имаше дилеми, по сето ова станува јасно дека целта на Заев не е само да ја соопшти вистината, како што тврди тој. Целта е на насилен начин, преку говор на омраза, со конструирани разговори, со шпекулации и монтажи да се дојде на власт.

Тој и самиот во неколку наврати веќе кажа дека не очекува инстутуционална разрешница на кризата во Македонија, туку политичка, што со други зборови би значело, смена на власта насилно, без избори.