Заев: Не политичарите, туку граѓаните ќе ја движат Македонија

Лидерот на СДСМ Зоран Заев и носител на кандидатската листа во ИЕ 4 вечерва на митинг во Велес порача дека Македонија има европски Устав кој ги гарантира правата на сите етнички заедници и кој гарантира едно општество за сите.

Никој нема да изгуби ништо, рече Заев, ако Уставот и законите се спроведат.

– Само заедно, само сплотени и единствени ќе ја биде Македонија. Доста не делеа, преку глава ни е од делби, рече Заев пред велешани и им укажа дека федерализацијата е лага која нема да помине.

Нема ништо на светот, рече Заев што може да ме убеди да го променам Уставот на Република Македонија и да го промениме Уставот заради уставното име, но убеден сум дека Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ, а гаранција е искреноста на нашите души. Ќе разговараме со нашите јужни соседи и ќе ги повикаме на разговор за економски да одиме напред.

Лидерот на опозицијата  се обрати  кон пензионерите и им порача дека ќе водат чесни политики и дека е завршено времето кога 5 отсто ќе се зголемуваат пензии кога се зголемиле двојно и тројно трошоците на живот. Заврши, рече, времето на лагите за зголемување на 400, 500 денари.

На митингот најави дека ќе се создаде совет што ќе одлучува за потрошувачката кошница во Македонија. – Најмногу ќе бидат опфатени пензионерите, а на секои шест месеци ќе се прави пресек на покачувањето на цените на мало и ако тие се зголемиле за 30 отсто, 30 отсто ќе се зголемат пензиите. Ако се зголемиле 20 отсто, толку ќе се зголемат и пензиите, истакна Заев.

Земјоделците, според Заев доколку дојдат СДСМ на власт, ќе добијат вистински субвенции тогаш кога ќе им треба со тоа што ќе им помогнат со обезбедување пласман на производството, а државата ќе отвора пазари за поголем број купувачи.

Заев  рече дека заврши времето кога политичарите ќе ја движат Македонија. Од сега, посочи, граѓаните ќе ја движат Македонија и повика дека тие што се подготвени на такво нешто да застанат до него.

– Ќе пуштиме 140 милиони евра кон домашните компании, но не за газдите, туку за да отворат нови работни места и да ги зголемат платите, рече Заев, додавајќи дека работникот во Македонија е заборавен и после 25 години самостојност.

Пред присутните тој вети дека во Македонија ќе се врати правдата, и ќе се направи реизбор во судовите и во обвинителствата.

– Заев нема да ги бира неговите луѓе, нив ќе ги бираат стручни и доверливи експерти од дома и меѓународни експерти согласно  најдобрата европска практика. Судиите да не бидат повеќе никому должни за ништо освен на нашиот народ  на кој ќе му даваат правда. Нкогаш повеќе да не биде осуден невин човек, а виновниот да одговара, рече Заев.

Вети независност на институциите, бесплатно  болничко лекување за секој граѓанин, да не се плаќа партиципација и како што рече секој што е болен да си го најде лекот во Македонија без да плаќа.

– Здравството е најважно на светот. Нема поважна работа отколку да го вратиме здравјето во семејството. Затоа мораме да ги задржиме и лекарите кои ги напуштаат болниците. Сите доктори лекари специјалисти кои работат во болниците и клиниките наместо 30 илајди плата ќе земат 100 илајди денари плата за да останат во Македонија да не бараат мито од пациентите, рече Заев.

Вети комплетна реконструкција на образованието и во првите 100 дена укинување на екстерното тестирање. Најави рационализирање на предметите и воведување на праксата во средните училишта и на факултетите.

На предизборнот митинг во Велес говореа носителот на листата на ИЕ 3 Љупчо Николовски и Горан Мисовски од Либералната  партија.