Заев немал сознанија дека изнесувал невистини кога го обвинувал Груевски за криминал, тврдат неговите адвокати

„Тужениот немал сознанија дека изнесувал невистини, туку бил цврсто убеден дека тоа што го кажувал е вистина“, беа воведните зборови на Филип Медарски, еден од адвокатите на Зоран Заев на денешното подготвително рочиште во случајот за клевета против премиерот Никола Груевски за продажбата на „Македонска банка“.

По околу 90 минути натегања дали да се започне со подоготвителното рочиште за клевета меѓу премиерот Никола Груевски и претседателот на опозицијата Зоран Заев, Основниот Суд Скопје 2 одлучи рочиштето сепак да стартува.

Никола Додевски, адвокатот на премиерот Груевски, во своето излагање истакна дека бара да се отфрлат аудио-снимката и транскриптите од неа како докази од страна на тужениот, а додека пак еден од адвокатите на Заев, Филип Медарски, побара истите да не бидат отфрлени, бидејќи како што рече, Заев длабоко верувал дека она што било на снимката е вистина и затоа во јавноста излегол за такви информации.

„Груевски е креатор на криминална мрежа“, „Криминалецот е фатен, тоа е Никола Груевски“, „Основоположникот и креаторот на криминалот во Македонија е Никола Груевски“, „Никола Груевски лично ја продал ’Македонска банка’ преку четири офшор компании, и во нив надвор од официјалната договорена сума, побарал дополнителна од 1,5 милиони евра“ се само дел од изјавите кои адвокатот на Груевски, Додевски, ги изнесе на денешното подготвително рочиште, а кои за време на изборната кампања ги кажа претседателот на опозицијата Зоран Заев.

„Од овие изјави гледаме дека главната цел на тужениот да го наруши угледот и честа на премиерот Никола Груевски во текот на изборната кампања. За да може еден човек да се нарече „татко на криминал“, потребно лицето да биде повеќекратен сторител на кривични дела, за кои постојат правосилни судски пресуди. Тоа во овој случај го немаме, што јасно се гледа дека се работи за клевета. Исто така барам од доказите да се изземат аудио-снимката и сите транскрипти кои се произлезени од неа, бидејќи таа е набавена на нелегален, неуставен и незаконски начин, а обвинувањата кои се дадени на прес-конференциите се типични тврдења на многу ниско културно ниво“, рече во своето излагање адвокатот Додевски.

Филип Медарски, еден од бројните адвокати на Заев, побара аудио-снимката да остане во доказите, бидејќи во времето кога Заев ги држел прес-конференциите, цврсто верувал во нејзината вистинитост.

„Во моментот кога Заев ги одржувал прес-конференциите немал сознанија дека изнесувал невистини, туку бил цврсто убеден дека тоа што го кажува е вистина. Сметаме дека не станува збор за клевета, бидејќи Заев за обвинувањата поставува прашања, а не ги тврди. Судот мора да направи разлика меѓу фактите и изразувањето на вредносните судови, на пример „татко на криминалот во Македонија, не е некој друг туку Никола Груевски“ е вредносен суд, а не тврдење на факт“, рече Медарски.

Тој во своето излагање додаде и дека отфрлањето на аудио снимката е интегрален дел од прес-конференциите и дека судот без неа нема да може да оцени дали стаува збор за клевета или не.