Заев обвинува за изборите во 2011 година кои СДСМ ги призна за регуларни

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција излезе со низа обвинувања кон власта за наводни изборни нерегуларности, меѓу кои имаше и такви за изборите во 2011 година, кои СДСМ и тогашниот лидер Бранко Црвенковски ги признаа за регуларни, пишува Курир.

Ненавлегувајќи во тоа дали искреираните материјали кои денеска ги објави Заев се веродостојни или не, обвинувањата на првиот човек на опозицијата не држат вода доколку се согледаат фактите и аргументите.

СДСМ изборите во 2011 година ги загуби со 70.000 гласови разлика, односно ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 440.000 гласа, додека опозициската коалиција предводена од СДСМ освои 370.000 гласови.  Тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски ги призна изборите и обраќањето го почна со реченицата „Народот е секогаш во право дури и кога греши“.

-До сите граѓани упатувам благодарност што беа храбри и одважни да гласаат за нас. Огромна поддршка се 370.000 гласа. И покрај сѐшто се случуваше во изминаати 2 месеци, упатувам честитки до Груевски за изборениот резултат. Ако нè видовте што сè можевме да направиме со 18 пратеници, може да замислите што ќе може да направиме со 43 пратеници, рече Црвенковски признавајќи го изборниот резултат.

Изборите за кои Заев денеска обвинува беа признанени и од тогашниот кандидат за премиер, а сега потпретседател на СДСМ, Радмила Шекеринска, која упати и честитки до ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ изборите во 2011 година ги призна за регуларни, без никакви забелешки.

Низа примери покажуваат како СДСМ се однесуваше тогаш и со какви се’ методи се служеше Црвенковски за да стигне до целта. Тогашниот прв човек на опозицијата му вети премиерско место на газда на медиум, само за да има поддршка од телевизијата.

Медиумите тогаш пишуваа дека Бранко Црвенковски му ветил премиерска фотелја на Велија Рамковски и притоа му забранил да кажува за ова ветување.

-Бранко Црвенковски му забранил на Велија Рамковски да кажува дека му е ветена премиерската позиција. Индиректно, оваа порака е пренесена преку посредникот Бранко Героски, по давањето на изјавата за весник. Забраната на Велија му стигнала во форма дека тоа не е добро и дека може да ги искомплицира работите. Велија ја прифатил наредбата на новиот шеф и одлучил да остане активен на полето на себепромоција, но без јавно да се фали со ветувањето на БЦ, пишуваа медиумите.

Дополнително, на пратеничките листи на опозицијата се најдоа повеќе новинари на А1 телевизија, како Сафет Бишевац и Ленче Николовска, со што се покажа вистинското лице на телевизијата која жолчно ја бранеше опозицијата. Исто така, постои и дилема дали Црвенковски и СДСМ добија попуст за рекламирање на телевизијата со ставањето на Бишевац и Николовска на добитни места на листите, трговија која јавно ја призна лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски, кој рече дека се договорил со Рамковски да добие медиумски протсотр по најниска цена, а за возврат ќе ставел новинарка на телевизијата на пратеничка листа.

По изборите, Антикорупциска објави дека кривични пријави ќе бидат поднесени против СДСМ, А1 и “Плус Продукција” поради крупни неправилности во финансиските извештаи и нивното ненавремено доставување до Комисијата. Тие информираа и дека кредитот од АД “Комерцијална Банка” кој СДСМ го подигна за да ја финансира изборната кампања е еден вид на “сива зона“.

На изборите за кои Заев денеска обвинува за нерегуларности, а кои беа признаени како регуларни од Црвенковски и Шекеринска, СДСМ организираше и таканаречени “чувари на победата“, кои вршеа притисок врз луѓе и требаше да прават скандали на изборите.

Списоците на СДСМ, за 5-те најсилни членови беа лица гонети за тежок криминал. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека е потврден идентитетот на лицата чии имиња се наоѓаа на “Списоците на чувари на победата“ кои до МВР ги доставија од ВМРО-ДПМНЕ, и дека 29 од лицата имаат криминални досиеја.

Ова се само неколку примери за тоа со што се’ се служеше СДСМ, Бранко Црвенковски и Радмила Шекеринска за да стигнат до изборна победа, но наместо тоа, граѓаните со големо мнозинство гласот му го довери на владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пораз кој Црвенковски јавно го призна со зборовите “народот секогаш е во право, дури и кога греши“, а Шекеринска ја честиташе победата. Токму поради ова, паѓаат во вода денешните обвинувања на Заев за изборите пред четири години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.