Заев: По секоја цена ќе градиме добри односи со сите соседи

Унапредувањето на регионалната соработка не може да биде замена, туку побрз пат за членство во ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за регионалната ТВ Н1 дадено за време неговата официјална посета на БиХ.

– Сите западни земји повеќе ќе не почитуваат ако ние бидеме поврзани. Затоа што така полесно заеднички ќе ги освоиме тие пазари. Тука се и ЕУ фондовите од кои полесно ќе земаме средства, вели Заев одговарајќи на прашањето дали верува во тезата дека Брисел сака да создаде нова Југославија, како замена за членството на тие земји во ЕУ.

Според него, за заеднички напредок на земјите од регионот проблемот е во политичарите, наведувајќи го како пример личното запазување дека во БиХ Бошњаците и Хрватите соработуваат во бизнисот, спортот, културата.

– Проблемите доаѓаат од политичарите. Забораваме да се радуваме на животот. Треба да живееме, да сфатиме дека сме сите минливи, дека доаѓаме и си заминуваме. БиХ донесе 3.000 одлуки со консензус, но знам и дека има етнички проблеми. Но, дајте да ги надминеме. Политичарите треба да се борат за правата на другите етнички заедници. Така ќе имаме и напредок во регионот, истакнува премиерот Заев.

Говорејќи за забрзувањето на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ, како и за спорот со Грција, Заев вели дека новата Влада на чие чело е тој, одлучила да ги реши споровите со сите соседи.

– Сега се одлични односите со Бугарија и со Албанија, па дури и со Грција. Решивме по секоја цена да градиме добри односи со сите соседи. Бараме помош да се најде начин Македонија да се приближи кон ЕУ. Добивме кандидатски статус во 2005 година и од тогаш стоиме. И Грција ќе има корист од тоа што Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ, вели премиерот Заев.

Тој истакнува и дека ги надминале сите несогласувања со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

– Србија немаше некое влијание или лоши намери кон Македонија. Секако, имаше коментари за време на претседателската кампања, спомнување на „македонско сценарио“, но јас не навлегувам длабоко во тоа. Имавме одлична работна вечера лидерите на Запен Балкан кога јас и тогашниот премиер, а сега претседател Вучиќ ги разјаснивме сите тие несогласувања, си пруживме рака и ветивме дека ќе соработуваме, посочува Заев.

Тој истакнува дека имал добра билатерална средба и со новиот претседател на Владата на Србија Ана Брнабиќ.

– Имавме прекрасна билатерална средба со новата премиерка, Ана Брнабиќ, која навистина отвори некои убави перспективи. Јас тоа го потврдив. Презедовме обврска да го следиме она што го сакаат нашите граѓани. Нашите граѓани сакаат соработка. Ние сме блиски народи, навистина имаме одлична перспектива. Политичарите мора да ги отвараат таквите перспективи, да ги унапредуваат во корист на граѓаните на Македонија и Србија, заклучува премиерот Зоран Заев.