Заев по средбата со Борисов: Заедно ќе го славиме Илинден во Македонија

Премиерот Зоран Заев се договори со бугарскиот колега Бојко Борисов заедно да го прослават Илинден на 2 август во Македонија на нивната денешна средба во Софија. На прес-конференцијата по средбата, Заев кажа и дека е договорено во Софија да се именува улица по поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, а во Скопје по поранешниот бугарски претседател Жељу Желев.

„Разговаравме, ги приближивме ставовите кон потпишување на договор за добрососедство, ни остана уште многу малку. Заедно ќе го прославиме Илинден во Македонија на 2 август. Се согласивме тогаш да го потпишеме договорот за соработка меѓу нашите две земји. Премиерот Борисов ќе ја посети Македонија и ќе се поклони пред споменикот на нашата историја. Ние денеска ќе се поклониме пред споменикот на цар Самуил во Софија. Се договоривме со градоначалниците на Софија и Скопје да именуваме по една улица по нашите починати претседатели – во Скопје на претседателот Жељу Желев, а во Софија на Борис Трајковски“, рече Заев.

Заев од Борисов побарал Бугарија ѝ помогне  на Македонија со нејзиното искуство од користењето на еврофондовите.

„Искуството кое што го има Бугарија ќе биде многу важно за нашите перспективи и за солидарноста во европското семејство. Имаме желба да ги почнеме преговорите со ЕУ, исто така, сакаме да станеме и членка на НАТО“, додаде Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.