Заев по средбата со Хојт Ји: Сите да ги поддржат демократските процеси за да се формира новата влада

Изразена е поддршка за демократските процеси во Република Македонија, кои по кредибилните избори продолжија со избор на нов собраниски претседател од редовите на парламентарното мнозинство, а ќе резултираат со избор на нова Влада во Македонија, се тврди во соопштението на СДСМ, објавено по средбата на партискиот челник Зоран Заев, кој придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски денеска се сретна со заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, придружуван од амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

Изразена е поддршка за демократските процеси во Република Македонија, кои по кредибилните избори продолжија со избор на нов собраниски претседател од редовите на парламентарното мнозинство, а ќе резултираат со избор на нова Влада во Македонија.

„Новиот претседател на Собранието е избран законски и легитимно, согласно Деловникот, законите и Уставот. Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска влада“, рекол Заев се наведува во соопштението.

Заев најавил дека Претседателот Ѓорге Иванов веќе во вторник ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање влада, а исто така дека постои и програма на новата влада којашто, како што наведува во писмената изјава, се гарантирала унитарност на државата, почитување на Уставот, евроатланскитр перспективи на Македонија.

„Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со коишто тој го условува давањето на мандатот. Парламентарното мнозинство има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани изразена на изборите и таа обврска ќе ја исполни“, рекол Заев.

Според соопштението, Заев рекол дека идната влада е подготвена да соработува со идната опозиција во интерес на реформските процеси, но дека во овој момент е најважно ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека е опозиција и да ги прекинат тензиите.

На средбата е заеднички било осудено насилството во парламентот коешто избувна по назначувањето на Талат Џафери за собраниски спикер за што ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните кои протестираа против прифаќањето на ткн Тиранска палтформа сметаа дека е сторено вон Деловникот и е нелегално, кога беа повредени пратеници, новинари, вработени во парламентот и е констатирана потребата од разум кај сите, за овозможување мирен трансфер на власта.

Оценето било и дека е од голема важност за напредокот на Македонија „определбата на мнозинството граѓани и нивните претставници во парламентот за развој на државата во едно општество за сите граѓани коешто ќе обезбеди правда и квалитетен живот за сите. Исто така истакната е потребата претседателите на сите политички партии и институциите да го сфатат својот дел од одговорноста и да дејствуваат во насока на поддршка на демократските процеси во Македонија“.