Заев по средбата Столтенберг: Се надеваме дека Македонија ќе биде следната добра вест што ќе дојде од НАТО

Премиерот Зоран Заев во понеделник по средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го изрази своето задоволство од неговиот прием во централата на НАТО Алијансата, од генералниот секретар на НАТО и неговиот тим, како и благодарност за поддршката која ја добива земјата од НАТО, вклучително и од локалната канцеларија на НАТО во Скопје, при што го поканил генералниот секретар да ја посети Македонија.

„Го поздравуваме членството на Црна Гора во НАТО, тоа е големо охрабрување за нас. Се надеваме дека за брзо време ние ќе бидеме следната добра вест што ќе дојде од НАТО. Многу е важно регионот на западен Балкан да биде безбеден и стабилен. Добри односи со соседите се од исклучителна важност. Посветени сме да ја подобриме соработката со нашите соседи и да оствариме посилна регионална соработка“, рече Заев.

Додаде дека Република Македонија е докажан партнер на НАТО, кој дава придонес во мисиите на ЕУ и НАТО од 2002 година и оти во ИСАФ мисијата Мекедонија беше четврта земја според бројот на жители со нејзиниот придонес.
!„И во иднина ќе бидеме на заедничка страна со НАТО. Насилниот екстремизам и радикализам се заеднички предизивици. Ќе ги превземаме сите мерки за да ги надминеме“, рече Заев и додаде дека Македонија би можела да даде уште поголема поддршка ако е членки на НАТО.

„Во Република Македонија постои силна политичка поддршка од сите партии и етнички групи, како и силна поддршка од јавноста за членство во НАТО. Воедно, ние сме посветени на зајакнување на воените и безбедносните капацитети, за да ги постигнеме стандардите на НАТО“, додаде.

Меѓутоа, како што заклучи Заев, и покрај тоа што „сѐ што сме направиле не е доволно за полноправно членство“.
„Соочени сме со дополнителна и посебна пречка. Иако тоа не е фер, ние сме посветени на подобрување на односите со соседите, зајакнување на дијалогот и на мерките за градење доверба. Посакуваме членството во НАТО да биде и за нас реалност во догледно време. Посветени сме и на домашни реформи кои се усогласени со ЕУ. Посветени сме да ја подобриме демократијата и да ја зајакнеме социјална кохезија меѓу сите граѓани. Отворени сме за соработка за сите кои сакаат да придонесат кон нашата заедничка иднина – а тоа е Република Македонија како демократска држава да биде дел од Евро-Атлантското семејство“, рече Заев.
Македонскиот премиер беше запрашан дали постои некаква забуна во врска со хронологијата на неговиот план за отпочнување на преговорите за членство во НАТО, дали ќе се обидете да влезете под друго име, како и дали планира ли тоа да биде Горна Македонија, БЈРМ?
„Навистина сиве овие години на блокиран процес на интеграциите на Република Македонија во НАТО, нѐ научи сите и испрати порака, се надевам до целиот регион, дека меѓу другото стоењето во место предизвикува и кризи во Република Македонија. Како што реков, ќе се обидеме на сите можни начини да ја придвижиме Македонија кон нејзиното полноправно членство во НАТО. Јас очекувам поддршка од граѓаните во Грција преку власта и преку опозицијата, во поглед на решавање на овој проблем. Постојат овде алтернативи, ние се надеваме дека и со привремената референца можеме да станеме членка на НАТО, а притоа продолжуваат разговорите на Република Македонија со Грција за нашиот интегративен процес во ЕУ. Или како што покажа до сега и искуството од Црна Гора, барем со привремената референца да добиеме покана од НАТО во согласност со договорите со Грција, а додека тече ратификацијата во сите 29 членки на НАТО, секако добиваме некои две години дополнително да изнајдеме решение. Сите можни алтернативи за нас се на располагање, секако, зависи и тоа многу од нашиот јужен сосед. Но, ние ќе бидеме само причина повеќе за да се изнајдат позитивни решенија за стабилност на регионот, а секако тоа е највозможно ако меѓу другото и Македонија стане полноправна членка на НАТО Алијансата“, рече Заев.