Заев: Побаравме посилно вклучување на ЕУ и Грција во решавање на спорот за името

Побаравме посилно вклучување и на Европската Унија и на Грција во изнаоѓање решение на проблемот што Република Македонија го има на патот на интеграција во Европската Унија, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со грчкиот министер Евангелос Венизелс, кој е во посета на земјава како претседавач со Советот за општи работи на ЕУ во рамките на грчкото претседателство.

„Посочивме дека тврдиот став на Република Грција за проблемот со нашето име навистина не води кон решение. Изнаоѓање решение на сите проблеми е возможно по пат на средби и разговори и притоа политичките раководства на двете земји треба да ги користат праксите за почести средби и разговори за унапредување на севкупната соработка помеѓу двете земји“, вели Заев.

Лидерот на СДСМ смета дека тоа е начин за да се испрати порака за охрабрување дека е можно да се најде решение и за најгорливите проблеми.