Заев: Политичката криза во Македонија мора да има политичка разрешница

По прес конференцијата, одговарајќи на новинарско прашање за тоа каде го гледа излезот од политичката криза во Република Македонија, лидерот на СДСМ Зоран Заев го потврди она за што веќе во повеќе наврати се зборуваше, а тоа е дека тој не бара правна, туку политичка завршница.

-Решенијата ќе дојдат на повидок. Верувајте дека и СДСМ и опозицијата, ќе ги испорачаме. Важно е дека мора да има политичка разрешница. Правна разрешница од ова, ниту ќе има, ниту очекуваме. Трпеливо и со доволно време, да целата вистина ја соопштиме на македонската јавмост, а консеквентно на тоа ќе дојдат и политичките решенија на нашата земја, нагласи Заев.

Иако досега од ЕУ и од САД, како и од поголем број други релевантни странски институции побараа за случајот „Пуч“ да има правна разврска, опозицијата да се врати во парламентот и таму да се решаваат сите проблеми, Заев во одговорот повторно нагласи дека според него излезот не е во правната, туку во политичката разрешница.

Инаку, Заев денеска одржа прес конференција на која објави телефонски разговори помеѓу вицепремиерот во владата на Република и министер за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.