Заев потврди дека неговиот прв братучед ја купил оранжеријата на „Мам“

Точно е дека мојот прв братучед Трајче Заев ја купи оранжеријата на фирмата „Мам“, потврди денеска пред пратениците премиерот Зоран Заев и информира дека вкупната инвестиција ќе достигне повеќе од 10 милиони евра, а во моментов се вработени речиси30 граѓани од Свети Николе.

Одговорајќи на прашање од пратеничката Благица Ласовска, Заев рече дека производството е во тек, а првите берби се очекуваат во периодот јуни/јули кога ќе биде остварен и девизен прилив од извозот.

Според премиерот, етички е и со закон дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви. Тој воедно апелира, секој што има ресурси да вложи во оваа дејност зашто е профитабилна.

– Се работи за сериозен производствен капацитет. Новите сопственици на „Мам“ се „Елиница“ од Струмица и словенечка компанија која има фабрика за произведување лек од канабис во Германија и Полска. Инвестицијата досега е три милиони евра. Исплатени се обрвските на „Мам“ кон сите што имале побарувања од претходната сопственичка структура, околу 2,5 милинои евра. Подмирени се пред се стопанствениците и институциите во Свети Николе и државата – објасни премиерот.

Докупени се, рече тој, и акциите на помалите сопственици со што капиталот е комплетиран.

– Целта е да бидат вработени повеќе од 130 граѓани на Свети Николе. Тоа е дејност согласно Законот што го донесе претходната власт – за производство на лек или масло од канабис. Тогаш беше издадена само една лиценца, а оваа Влада издаде уште седум, додека уште четири до пет се во процедура – нагласи Заев.

Тој лично, како што истакна, е поддржувач на вакви работи зашто од производство на лек од канабис државата очекува нови работни места и 100 милиони евра прилив што е 0,1 отсто од бруто домашниот производ.

– Се е согласно меѓународните стандарди и регулативи. Гeрманија, Канада и САД во некои држави истото го правaт. Се надевам дека кај нас ќе има повеќе инвестиции, а едно од најнапредните е производството во ОХИС. Веднаш после него е производството кај Крушево каде веќе берат цвет заради екстрадирање на маслото од марихуана – информира премиерот, изразувајќи уверување дека Македонија го држи чекорот во оваа дејност и дека ваквите инвестиции ќе и донесат само добро.

Заев е уверен дека до крајот на мај земјава ќе има девизен прилив од извоз на сушен продукт – цвет од масло од канабис за пазарите во Полска и Германија.

– Во Владата е отворена дебата – ако во првата реколта се испорачаат количините со девизен прилив колку што се најавува согласно пазарните берзи, државата можеби треба да размисли за акциза – рече премиерот.

На овој одговор, пратеничката Ласовска дополнително праша дали тој, како премиер, навистина смета дека е етички некој од неговот семејство да се занимава со овој тип на производството.

– Не е етички да го ставиме министер Трајче Заев или да го вработиме, него или некој од неговата фамилија, но и тоа како сметам дека е етички членови на семејството Заеви да се занимаваат со ваков вид производство. Тоа е дозволено со закон, не само во Македонија, туку и во најголем број од земјите во светот, посочи Заев.