Заев: Предлог-буџетот гарантира домаќинско и ефикасно управување со државните пари

(Фото: МИА)

Предлог буџетот за 2018 година гарантира домаќинско и ефикасно управување во работењето со државните пари, рече денеска премиерот Зоран Заев, презентирајќи го Предлог-буџетот кој во четвртокот вечерта беше усвоен на владина седница и доставен до Собранието.

„Обезбедивме пари за економскиот раст, за развој на стопанството, за образованието, здравството, но и за културата. Буџетот е со развојна компонента, повеќе пари за граѓаните и стопанството, а помалку за непродуктивни трошоци“, изјави Заев презентирајќи го предлог буџетот за следната година.

Предлог буџетот, како што наведе Заев, ги содржи препораките од јавната дебата а основната цел при неговата подготовка била развојната компонента за насочување повеќе пари кон граѓаните.

„Предлог буџетот ги обезбедува основните функции на државата за непречена и навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери. Ова е буџет за граѓаните и за финансиска стабилност. Обезбедува услови за реално раздвижување на економијата, при што ќе целиме кон што поголема реализација на капиталните инвестиции“, рече Заев.

„Првпат предлог–буџетот беше објавен на јавна дебата со цел во консултација со јавноста да се знае каде се трошат парите на граѓаните. Буџетот ги обезбедува основните потреби, навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери. Ова е буџет за граѓаните и за финансиска стабилност на Република Македонија. Во 2018 уште поизразено продолжуваме со кратење на непродуктивните трошоци и тие пари ги насочуваме за потребите на граѓаните“, рече Заев.

Додаде дека целта која ја поставила Владата за раст на економија од 3,2 проценти е базирана на реални основи и е во линија на проекциите на ММФ и на другите меѓународни релеванти финансиски институции. Овој буџет гарантира домаќинско и ефикасно управување со граѓанските пари.

„Во 2018 инвестираме во повисоки плати за образованието, здравството и детската заштита. Покачување од 5 посто ќе има покачување на платите за вработените во здравствените установи од септември, 2018-та. Планирани се поголеми плати за пет проценти во образованието и градинките, како и десет проценти поголеми плати за сите припадници на армискиот состав. Планирани се 6,6, милијарди денари повеќе пари за тековни расходи и социјални трансфери кон граѓаните. Има пари и за законско порамнување на пензиите. Како што ќе растат платите ќе растат и пензиите“, додаде премиерот.

Соопшти дека предлог-буџетот за 2018 година ќе изнесува 3,4 милијарди евра, со буџетски дефицит од 2,7 процента од домашниот бруто-производ (БДП), помал во однос на оваа година, кој изнесуваше 2,9 отсто.

Премиерот истакна и дека се инвестира и во културни вредности, односно издвоени се 10 милиони денари за реконструкција на офицерскиот дом во Битола и исто толку за спомен обележјата на Тоше Проевски во Крушево. Најави и дека со буџетот за следната година се обезбедени 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.