Заев призна дека градежништвото падна за 45 отсто

Премиерот Зоран Заев, на вечерашната дебата со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, призна дека градежништвото бележи огромен пад дури за 45 отсто,  што е шок за целата економија, бидејќи градежништвото со себе повлекува други стопански гранки.

Сепак, се пофали дека почнала изградбата на станбено-деловниот комплекс кај Скопски Саем.

Во однос на новите најавени капитални градби,  Мицкоски се осврна на изградба на новиот клинички центар за кој рече дека до 2020 година тој не може да биде изграден.

Во врска со проектот на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на клинички центар Мицкоски посочи дека проектот бил одобрен и препознаен од Светската банка за што и биле одобрени средства.

„Кој е тој граѓанин којшто сака од неговите пари од 120 милиони евра, за колку што беше предвиден проектот, да се пресели за половина милијарда, и тоа по можност никогаш да не биде изграден. Па вие утре да почнете со геотехнички истражни работи нема да можете до 2020 година да помислите да почнете со темелите под услов почвата да покаже да можете таква структура да изградите. Ако Европската инвестициска банка рекла дека е добра таа инвестиција, вие викате дека не е добра и ќе ја платите четиро пати поскапо, така било добро“, рече Мицкоски.

Мицкоски, исто така, го праша премиерот дали за 260-те милиони евра имале предвидени проекти и дали во здравството немало проекти, на што Заев во одговорот призна дека во здравството немало проекти и морало да поништат тендер за да се гради нов клинички центар во Бардовци.