Заев призна дека и во Струмица се среќавал со Верушевски

Во синоќешното гостување во емисијата „360“ за Алсат телевизија, лидерот на СДСМ Зоран Заев призна дека бил близок со Верушевски па и дека екс-разузнавачот го посетувал во Струмица. Таму, според него, го донел Бранко Палифров, исто така осомничен во „Пуч“.

-Палифров го донесе два пати Верушевски во Струмица, заради тоа што се блиски сопругите. Го донесе во општината, тоа е јавна институција. И само ме прашуваше „Добро е?“, викам „Добро е“. Тој не ни знаеше за што ние разговараме, истакна Заев.

Откако веќе беше обелоденето дека Заев не само што лично се познавал со Верушевски туку имале одлична меѓусебна соработка и средби во Скопје, сега опозицискиот лидер признава дека  првообвинетиот во „Пуч“ го посетувал и на неговото работно место во општина Струмица.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на самиот крај од јануари тврдеше дека раководството на СДСМ немало контакти со Верушевски, додека опозициското гласило „Фокус“ на 1-ви февруари пишуваше дека Верушевски бил соработник на Црвенковски, но со Заев воопшто не се познавал.

Сепак, лично струмичкиот градоначалник си призна дека со Верушевски непосредно соработувале и имале низа средби.

Тој, во вчерашното интервју на Алсат, Заев сакаше да ја одбрани и сопругата на Верушевски, но со смешно објаснување зошто таа исто така е обвинета во „Пуч“.

-Сопругата на Верушевски е во затвор затоа што во компјутерот преведувала писмо до Њујорк Тајмс.Заради тоа е во затвор, рече Заев.

Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска, е директен помагач на Верушевски во кривично дело. Таа е второосомничена во случајот „Пуч“, каде Заев е четвртоосомничен.

Според МВР, со полициската акција „Пуч“ беше спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта.