Заев: Се надевам дека ќе омекне срцето на Макрон

Се надевам сите наши пријатели во ЕУ, ниту една земја од ЕУ нема да останат рамнодушни на пријателството на европскиот манир кој Македонија го демонстрира, она што е толку потребно за целиот Балкан, за ЈИЕ и за цела Европа, рече премирот Зоран Заев.

– Знам дека вчера холандскиот Парламент донесе позитивна одлука за нашата земја. Се надевам дека тоа ќе се случува и во иднина и за Албанија зашто и тие работеа многу како држава, но пред се што се однесува за нашата земја се надевам и Франција и другите земји ако имаат резерва, ќе го направат преломот заради тоа што реформи се прават и во ЕУ, но можат паралелно да се прават додека Македонија преговара за членство. Поглавјата и преговорите ќе траат со години, а унапредувајќи се како држава Македонија може да помогне и во унапредувањето на Европа паралелно терајќи ги преговарачките процеси. Јас се надевам дека ќе омекне и срцето на претседателот на Франција Макрон, ги разбирам внатрешните дебати кои се отвораат во Франција, но Франција е наш голем пријател. Ако Германија, Франција, Велика Британија, Италија и други земји одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред, а мотивацијата на нашите граѓани ќе биде уште поголема – додаде Заев.