Заев се сретна со амабасадорката Тејада: Швајцарија има долгорочна стратегија за соработка со Македонија

Премиерот Зоран Заев во понеделникот се сретна со амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Сибил Сутер Тејада од чијашто страна беше реафирмирана поддршката што Швајцарија и ја пружа на Македонија, особено во аспирациите кон полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Премиерот Заев, како што информираат од владината служба за односи со јавноста, ја информирал амбасадорката за реформските процеси од „Планот 3-6-9“, за интензивираната регионална соработка и за цврстата одлучност земјата да работи на спроведување на реформите кои ќе обезбедат независни професионални институции во служба на граѓаните, правна држава и квалитетен животен стандард.

За новата владина програма амбасадорката Тејада истакнала дека содржи проекти кои се од значаен интерес за граѓаните и ја изразила подготвеноста на Швајцарија да ги поддржи ваквите проекти со цел да се унапреди економскиот развој, демократскиот капацитет на водење на земјата на локално и централно ниво.

За таа цел, амбасадорката Тејада го информирала премиерот Заев и му ја врачила долгорочната Стратегија за соработка меѓу двете земји со којашто Швајцарија планира значително да ѝ помогне на Македонија во понатамошниот напредок и развој.

Поддршката главно се однесува на програми за унапредување на работата на Парламентот, програми за унапредување на изборниот процес како и поддршка за развој на стручното образование во приватниот сектор.

„Имаме огромна желба да ги отвориме перспективите за вработување на младите луѓе овде во Македонија. За таа цел, со ребалансот на Буџетот планираме од септември да го стартуваме проектот „Гаранција за млади“ со кој државата ќе овозможи за младите луѓе вработување, пракса или тренинг по завршувањето на нивното образование. При креирањето на оваа мерка ги имавме во предвид и позитивните резултати што ги дадоа проектите поддржани од швајцарската амбасада токму во овој дел“, рекол Заев.

На средбата заеднички било констатирано дека плодната соработка и размената на искуства помеѓу двете земји ќе продолжат во насока на отворање на економски перспективи за напредок, унапредување на меѓуетничките односи и зајакнување на демократските капацитети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.