Заев се сретна со црногорскиот амбасадор Митровиќ: Очекувањата се дека ќе биде 30-та членка на НАТО

Македонија е поставена на евро-атлансткиот пат, очекувањата се дека ќе биде 30-та членка на НАТО, беше истакнато на средбата во понеделникот на македонскиот премиер Зоран Заев денеска со амбасадорот на Црна Гора во Скопје, Предраг Митровиќ.

Самитот во Подгорица го потврди традиционалното пријателство помеѓу двете држави и отвори перспективи за надоградување на билатералната соработка и заедничко дејствување на регионален план, е заедничката оценка на премиерот Заев и црногорскиот амбасадор Митровиќ, извести во соопштение владината служба за односи со јавноста.

На средбата, премиерот Заев соопштил дека македонката Влада ја „постави“ државата на евро-атланскиот пат и дека сега ги прави сите потребни чекори за реализација на овие две стратешки цели за државата.

„Членството на Црна Гора во НАТО и напредокот на државата кон ЕУ е импулс што мотивира. Очекувам Република Македонија да биде следната 30.членка на НАТО. Се надевам дека во брзо време ќе ја добиеме поканата за НАТО. Исто така Владата води реформски процес што очекувам да ги забрза и европските интеграции и Република Македонија конечно да добие датум за ЕУ“, рекол Заев.

На состанокот е констатирано дека промените во Македонија отвориле можности за напредок на земјата на меѓународен план, продлабочување на соработката со Црна Гора и со другите држави на регионален план, како и за економски развој што ќе го олесни животот на граѓаните во државава и ќе придонесе кон квалитетен животен стандард.

Заев и Митровиќ на средбата разговараа за унапредување на соработката меѓу Македонија и Црна Гора на полето на економијата, туризмот, земјоделството, за можноста за отворање авиолинија, за поедноставување на административните бариери.