Македонија

Заев се сретна со претседателот на бугарскиот парламент Главчев

Заев се сретна со претседателот на бугарскиот парламент Главчев

Местото на Македонија е во ЕУ и во НАТО, а Република Бугарија ја поддржува Македонија беше заклучено на средбата во вторникот на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Димитар Главчев.

На средбата било констатирано дека продолжува да се развива во позитивна насока соработката помеѓу двете држави откако премиерите на Република Македонија, Зоран Заев и на Република Бугарија, Бојко Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Во очекување на ратификацијата на Договорот во парламентите на двете држави, веќе се воспоставени контакти меѓу бизнисмени од двете земји, што ќе придонесе за економски развој во државите и отворени се можности за соработка во повеќе области, како што се земјоделието и културата.

„Договорот отвора перспективи и за Република Македонија и за Република Бугарија и бенефит ќе имаат граѓаните на двете држави. Унапредувањето на двете соседски држави, Македонија и Бугарија испраќа силна порака во регионот и пошироко, дека земјите сами можат да ги надминат сите отворени прашања, ако за тоа постои искрена политичка волја“ рекол премиерот Заев.

Изразил благодарност за поддршката од Бугарија на евро-атлантските перспективи на Македонија.

„Местото на Република Македонија е во НАТО и во ЕУ и Република Бугарија ја поддржува Република Македонија на тој пат“, рекол претседателот на бугарскиот парламент, Главчев.

Претседателот на Народното собрание на Република Бугаријадодал дека премиерите на Македонија и Бугарија со Договорот отворија нова страница во односите помеѓу двете земји и дека е сега ред и на парламентите да придонесат кон продлабочување на таа соработка, поради што е и неговото присуство во Македонија.
На средбата заеднички е заклучено дека регионалната соработка е значајна за евро-атлантската иднина којашто му е потребна на целиот Балкан и дека односите помеѓу Македонија и Бугарија се добар пример за тоа.

Заев, исто така, се заблагодарил за хеликоптерите што ги испрати Бугарија во Македонија, како значајна помош во справувањето со проблемот со пожарите во нашата држава.