Заев и Селмани разговараа за реформи во медиумите

На иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска се одржа средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на Здружението, Насер Селмани.

Како што информираше СДСМ, на средбата Заев го информирал Селмани, дека една од клучните теми за разговор, во рамки на политичкиот дијалог под покровителство на меѓународната заедница, се реформите во медиумите, коишто се услов за слободни, фер и регуларни избори.

– При тоа, Заев укажа дека во оваа фаза на разговори ВМРО-ДПМНЕ се’ уште се противи на можните решенија што значат овозможување на медиумите слободно да ја извршуваат својата вистинска и значајна улога во општеството. Од суштинско значење е да се овозможи АВМУ да ја извршува улогата на регулатор во медиумската сфера, а МРТВ да биде вистински јавен сервис во интерес на објективно, непристрасно и избалансирано информирање на граѓаните, стои во соопштението од СДСМ.

Според СДСМ, на средбата заеднички било оценето дека без медиумски реформи, без слободни медиуми, нема услови за слобони, фер, демократски и регуларни избори.