Заев: Сите ние независните граѓани сме новата сила на напредокот

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се обрати по повод 25 години од независноста на Македонија.

Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

Почитувани граѓани, драги млади,

Независна Република Македонија си ги бара независните граѓани и на утрешниот 8-ми септември и одговораме на нашата земја:

Тука сме, доаѓаме!

Имав 17 години кога на 8 септември 1991 година ја слушнав веста од Референдумот за суверена и независна Република Македонија. Немав години за да можам да гласам, но имав надежи што на тој 8-ми септември се претворија во ВЕРБА, дека во мојата родена земја можам да станам дипломиран економист, дека ќе имам можност ако многу работам и ако чесно напредувам, да станам корисен граѓанин за мојата држава, дека тука ќе го основам своето семејство и тука ќе ја градам својата иднина.

Знам што значи да се оствари својот сон, тогаш кога вербата ќе стане реалност.

Знам што значи и да се скрши сонот, оној момент кога некој ќе ги урниса соништата на твоите деца.

Знам и што значи да се роди нов сон, тогаш кога поважна од својата среќа ќе ти стане заедничката среќа.

25 години по тој 8-ми септември `91-ва, кога ја најдов вербата и визијата за себе, јас денес имам верба и визија за сите нас.

Ја најдов во нашите заеднички предизвици во сегашноста.

Ја најдов во нашите заеднички погледи кон иднината.

Секојдневно ја споделувам со вас. Внимателно ве слушам. Заедно создаваме вредности. Дали препознавате?

Чекор по чекор, но заедно се ослободуваме, сплотени еден до друг. Го кренавме гласот заедно. Заедно и ќе изградиме правна држава. Заедно и ќе создадеме правично општество на еднакви граѓани.

Секој од нас е двигател на промените.

Ние знаеме дека секој од нас заслужува пристојна работа, пристојна плата и достоинствен живот.

Ние знаеме дека на нашите деца им е потребно образование што ќе мотивира, затоа што само така ќе создадеме способни и одговорни луѓе кон себе и кон својата земја.

Ние се определивме за здравствен систем што ќе лечи, зашто нема поважно од здравјето.

Ние сфативме дека ни се неопходни иституции што ќе им служат на граѓаните. Институциите, тоа е државата. Државата, тоа се граѓаните, тоа сме сите ние.

Ние видовме колку сме си потребни едни на други и посакавме да живееме заедно, во една заедничка Македонија.

Toa e патот до стабилна и безбедна Македонија, Македонија што се развива, Македонија што ја развиваат граѓани кои мислат слободно, дејствуваат слободно, се изразуваат слободно, избираат слободно.

Таква Македонија, демократска, модерна, европска земја на слободни и независни граѓани, поставија почитуваниот прв претседател на државата Киро Глигоров и првиот премиер на независна Македонија Никола Кљусев на тој 8-ми септември 1991 година, што ме поттикна да се видам себе си во својата земја. Бескрајно сум им благодарен за тоа.

Дека сме подготвени за обнова на таа Македонија повикувам да покажеме денес ние, на овој 8-ми септември 2016 година, за да ги поттикнеме денешните генерации млади да се видат себе си во својата земја. Тие да продолжат да надградуваат. Тоа ние да им го овозможиме.

Да извлечеме поука од искушенијата низ кои поминавме како држава, како граѓани, групи, заедници, политички партии, како индивидуи изминатите 25 години.

Поставувањето на државниот повеќепартиски систем, создавањето на Армијата, на сопствена валута, меѓународното признавање на земјата, воениот конфликт, трасирањето на евро-атлантските интеграции, политичките премрежија, беа сериозни предизвици на една млада демократија којашто го полага тестот на зрелоста. Имаше многу работа, многу вложен труд и многу резултати со коишто имаме полно право да се гордееме, се разбира имаше и грешки од кои треба да научиме дека секогаш може подобро.

Секако, ништо не ја погоди земјата и не удри по слободата и егзистенцијата на граѓаните како што тоа го направи недемократската власт изминатите 10 години. Предизвикаа  тешка сиромаштија, создадоа земја на понижени, уценети граѓани, применија огромни казни и притисоци, го окупираа системот со што ја внесоа земјата во многу длабока криза.

Затоа повеќе од секогаш потребна е исклучителна сериозност, од секого поединечно.

Ние сме новата сила на напредокот, секој од нас!

Подавам рака на сите, на вас младите, на вас раселените, на вас родителите, на вас чесните, трудољубивите, на вас трпеливите:

-Создаваме едно општество за сите

-Отвораме шанса за сите

-Даваме можност на сите

-Секој е важен

-Ова ќе биде државата во којашто ќе се натпреваруваме според идеи

-Најсиромашните, најзагрозените, први ќе бидат заштитени!

-Ќе обезбедиме економски стабилни семејства

-Ќе поддржиме социјално стабилни граѓани

-Ќе создадеме современа држава со модерни болници, училишта, патишта

-Ќе изградиме земја на достоинствени граѓани, просперитетна Македонија, дел од Европската унија и НАТО.

-Да се обединиме уште поцврсто, сите за Македонија!

-Да зачекориме уште похрабро, сите за Македонија!

-Да ги задржиме младите во Македонија!

-Да ги вратиме иселените!

-Да си ја вратиме државата!

Да бидеме независни граѓани значи да преземеме одговорност за себе и за својата држава. Верував 1991-та дека можам. Верувам во 2016-та дека можеме заедно.

Се раѓа нов ден за Независна Македонија и сонцето на слободата пак ќе свети.

Да живее суверена и самостојна Република Македонија!

Нека ни е честит 8-ми септември, Денот на независна Република Македонија