Заев со контрадикторни изјави ги „закопува“ сите околу себе

Лидерот на СДСМ Зоран Заев тоне се’ подлабоко со секој нов искажан став поврзан со случајот „Пуч“. Експертите и јавноста сметаат дека колку повеќе првиот човек на опозицијата говори за случајот во кој е осомничен, толку е поголема контрадикторноста во неговите изјави и предизвикува негативни реакции и гнев кај граѓаните. Со последното интервју за БИРН, Заев поради својата непромисленост фактички го признава делото, објавува Курир.

Аналитичарите предупредуваат дека стратегијата што ја туркаат Заев и СДСМ е погрешна и нема да ги донесе на власт, а може да биде и погубна за државата. Според нив, колку и да е силна наводната бомба на СДСМ ,таа на опозицијата не може да и’ донесе победа. Превидот кај опозиционерите, коментира експертската јавност, е тоа што предолго чекаа, неуверливи се и недоволно ги обмислуваат тезите.

Според универзитетската професорка Тања Каракмишева-Јовановска, хаотичното и каубојско однесување на Заев е веќе добро познато. Политичкото хазардерство во кое како влог се става цела држава и сите нејзини граѓани е препознатлив стил на наметнување на политичките губитници кои во недостаток на политички компас во себе и околу себе се повикуваат на инструментите на политиката на јуриш и политичко-каскадерски активности.

-Секогаш овие активности се поврзуваат со глумење дека политичарот е во акција да ја спаси нацијата и најзините интереси, а всушност, во позадината на таквата акција се гледаат личните интереси на поединецот и неговата алчна политичка амбиција. Целта ги оправдува средствата, е максимата на политичкото однесување на ваквите политичари. Ништо друго не е важно. Важно е како да се освои власта, па дури и по цена на губење на државата и нанесување непоправлива штета на граѓаните. Но, она што во моментов е најважно е да се разобличи оваа погубна политика на опозицијата и граѓаните да станат свесни за хаосот кој опозицијата сака да го направи во државата, смета Каракамишева- Јовановска.

Според неа, прашањата што сега граѓаните треба да му ги постават на Заев е дали кај него постои минимум свесност дека со евентуалното објавување на материјалите од „бомбата“ каде има информации за илјадници и илјадници македонски граѓани, и кој знае уште за кого, се рушат темелите на уставно-загарантираниот систем на човековите и граѓанските слободи и права кој е стожерот, срцевината на уставно-правниот поредок на земјата?

Заев го “закопа“ и Верушевски со последното интервју- фактички го призна делото

Дополнително, првиот човек на опозицијата се “закопува“ се подлабоко со секој нов искажан став поврзан со “Пуч“. Извори од најголемата опозициска партија коментираат и дека советниците го молеле лидерот на партијата да молчи и да не дава интервјуа до објавувањето на креираните материјали од странските служби, па дури и го прекорувале за тоа, со објаснување дека колку повеќе говори, толку тоне се’ подлабоко.

Потврда за ова доаѓа и од последнто интервју на Заев за БИРН, каде поради својата непромисленост, тој фактички го признава делото. Заев во интервјуто вели дека тој бил “поштарот“, што според познавачите всушност тоа и е делото, “поштар“ соработник на странски тајни служби.

-На крајот на денот, тој што тоа го правел тоа треба да се чувствува виновен и да е загрижен. Јас сум овде поштарот, вели Заев во интервјуто за Призма.

Покрај себеси, Заев со своите контрадикторности изнесени во последното интервју го “закопа“ и Зоран Верушевски. Заев во интервјуто вели дека лицата кои му ги дале материјалите биле од македонските тајни служби, каде што всушност беше и Верушевски, па сега заедно соработувале со странски служби за да дојдат до материјалите, коментираат познавачите.

Туку не завршуваат недоследностите на Заев во споменатото интервју. Првиот човек на СДСМ вели дека го загрижувало што ќе се случело со лицата од тајните служби кои му ги дале податоците, но никој освен Верушевски не е уапсен, што значи дека Заев е загрижен само за него. Зошто Заев би се грижел за некого кој не е во затвор или не постојат индиции дека би бил?

Граѓаните револтирани и гневни од постапките на Заев

Откако Зоран Заев беше фатен жив и вистината излезе на виделина, граѓаните се револтирани и гневни на ваквите постапки на првиот човек на опозицијата, кои со воодушевување се дочекани кај јужниот сосед. Граѓаните се шокирани од случајот „Пуч“ во кој Заев е осомничен за учество во шпиунажа за странски служби и структури.

Македонските граѓани велат дека ова е голем срам за Заев и дека е недозволиво некој да си игра со државата.

– Македонци сме, а да се убиваме меѓу себе тоа е срамота. За да дојдеш на власт ќе си ја продадеш и својата кожа, прво детето го продаваш, па после тоа другите и тоа што Зоран Заев го направи е најголем срам, смета еден анкетиран граѓанин.

– Значи прво е срамота затоа што се било спремно кога опозицијата не сакаше да влезе во парламентот. Штом не сакал да влезе, а веќе имал скроено план, милиони мејлови не се добиваат за 15 минути или 30 дена, значи тој работел и работели и го прави тоа смислено, вели друг граѓанин.

Дали Заев е свесен за последиците?

Експертите прашуваат дали Заев и неговите сопартијци се свесни какви негативни последици тоа ќе се направи врз угледот на државата во меѓународната заедница, и врз принципите на кои најчесто се повикуваат токму опозиционерите, правната држава, владеењето на правото, правната сигурност, демократијата и слично во земјата?

-Немаат ли чувство на минимум одговорност дека терајќи ја државата во хаос и неконтролирано однесување, го поништуваат сето до сега направено, целиот труд и целата енергија за привлекување странски инвестиции, ги ништат сите развојни политики на земјата, ги ништат конкретните позитивни параметри кои одат во прилог на подобрување на севкупната состојба во земјата? Немаат ли тронка свесност дека целата позитивна енергија и подобрувањето на имиџот на земјата направени од актуелната Влада на РМ, кои се макотрпни и тешки процеси, кои бараат многу посветеност, труд, и работа, тие можат да ги срушат за само еден ден, како кула од карти? А штетата од ваквото крајно неодговорно однесување на опозицијата ќе падне врз сите нас, буквално врз секој граѓанин. Држава со разнишани темели не може да биде добра за никого. Држава во која е посејано семето на стравот, семето на паранојата, кој ме присклушкува, кој ме снима итн. не може да биде демократска држава, не може натаму да се развива како земја во која ќе бидат запазени сите демократски вредности и квалитети, вели Каракамишева-Јовановска.

Та додав дека сега е потребна граѓанска разум, смирена разумна перцепција кај граѓаните каде не води ова сценарио на опозицијата. Овие катастрофални чекори што ги подготвува опозицијата мора да бидат осуетени, мора да бидат пресретнати за доброто на земјата, за опстанокот на државата.Сите сме засегнати со овие постапки.Потребно е итно и без никакви отстапки институционализирање на сите процеси во земјата, надвладување на разумот и смиреноста, и препуштање на случаите во рацете на судството и на јавното обвинителство. Секое поинакво менаџирање на процесите, а посебно преку употреба на подземни, мафијашки политички методи и средства, е катастрофална политика која ќе направи огромна и ненадоместлива штета за земјата, додава таа.

Според аналитичарот Ивица Боцевски, нештата сега мора да се изведат на чистина и да се види конечно кој е во право, Груевски или Заев? Тој вели дека не може и двајцата да се во право, ниту, пак, може да има нерешен резултат во овој политички двобој.

-Едниот од двајцата ќе биде изнесен од рингот на носилка, нормално во политички, а не во буквален смисол, а тој со себе ќе ја повлече и својата политичка партија и своите експонирани приврзаници. Ќе биде ужасно тешко за поразената страна потоа да изнајде лидери кои повторно ќе ја состават и ќе ја престројат настраданата политичка структура. Таа може заедно со својот компромитиран лидер веќе и да не се појави на македонската политичка сцена, вели Боцевски и додава дека ова е ситуација со немерлива штета и со несогледливи последици за Македонија.