Заев тактизира со бомбите и го подготвува теренот за мрачното сценарио

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција во седиштето на партијата на Бихаќка повторно објави повеќе монтирани телефонски разговори, од државниот врв, владини и партиски функционери, како и од директори на државни претпријатија.

Во рамки на денешната „бомба“ иако поголем дел од јавноста очекуваше да ги слушне монтираните телефонскин разговори за името или оние за убиството на Смилковското езеро, Заев продолжи да објавува креирани телефонски разговори, кои како што најави тој, би требало да ја откријат вистината за наводниот криминал на власта.

Тука, станува јасно дека лидерот на СДСМ најверојатно тактизира и овие „бомби“ ќе ги чува за деновите пред 17-ти мај, за кога се најавени нови насилни протести.

Намерата на Заев е јасна – предизвикување раздор и нетрпеливост кај народот и  на тој начин собирање на голема маса на народ на улиците, нешто што во повеќе наврати во изминатите месеци и не му успеваше. Сите овие аргументи одат во прилог на фактот дека Заев веќе го спроведува неговото крваво сценарио, преку кое сака нелегално да дојде на власт.

Одговарајќи на новинарско прашање Заев потенцира дека опозицијата нема намера да се врати во Собранието.

Во однос на оставките на членовите на владата, лидерот на СДСМ рече дека тие не се доволни и дека ќе одат до крај во нивната претпоследна цел, а тоа е симнување од власт на премиерот Никола Груевски, додека пак нивната последна цел била како што рече „ослободување и враќање на демократијата во Македонија“.