Заев: Убаво е за две седмици да го решиме спорот за името

Премиерот Зоран Заев изјави во вторникот дека не верува оти за две седмици може да се реши спорот за името, коментирајќи ја изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан дека Скопје и Атина можат да постигнат договор во наредните петнаесет дена.

„Еврокомесарот Јоханес Хан е голем пријател на Македонија и дај Боже тој да има информација што за две недели би завршиле. Јас тоа го посакувам, но верувам дека не е можно затоа што утре имаме средба меѓу двајцата министри за надворешни работи. Знам од прилика како ќе се разговара и до каде очекуваме да завршиме. Генерално тоа што јас го очекувам е да направиме максимални напори до одлуката на Советот на Европската унија затоа што сигурни сме дека ако имаме решение дотогаш, покрај тоа што заслужуваме, ќе добиеме дефинитивни и најсилни гаранции оти ќе добиеме датум за преговори“, рече Заев.

Во однос на поканата за НАТО, посочи оти е познато дека таа се добива автоматски.

„Убаво е за две недели да го решиме, тоа ќе значи почеток на автоматската покана за НАТО третата недела од денеска преку ратификацијата во земјите членки. Но, верувам дека се работи за седмици пред нас, но мислам дека две седмици се премалку“, рече Заев.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон кој е во посета на Скопје, пак, истакна дека останува на Македонија и нејзиното раководство, на Владата, на премиерот, на опозицијата, на претседателот, како и на луѓето самите да донесат одлуки.

„Она што ќе го побарам од луѓето во земјата е да размислуваат за иднината. Некои прашања се толку многу важни што идните генерации треба да им се заблагодарат, и во Грција и во Македонија. Идните генерации очекуваат од постарите генерации да дејствуваат и да направат плодна почва со нивната активност“, рече Робертсон одговарајќи на новинарско прашање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.