Заев ветил оставка доколку ги загуби изборите?

Рената Дескоска, Петре Шилегов, Маријанчо Николов, Хари Локвенец, Васко Kовачевски и Стојко Пауновски – социјалдемократите ги избраа носителите на шесте изборни единици за парламентарните избори на 27 април.

Забележително е отсуството на највисокото партиско раководство како предводници на изборните листи, пред се’, на лидерот Зоран Заев, како и на неговиот заменик со еднакви ингеренции Радмила Шекеринска. Потпретседателите Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Александар Kирацовски и Ванчо Узунов исто така не се на листите за пратеници, кои партијата требаше да ги потврди на вчерашниот конгрес, пишува „Дневник“.

Иако во партијата се очекуваше дека нејзиниот претседател Заев ќе застане на водечкото место во Првата (Скопје) или во Четвртата изборна единица (Струмица), раководството одлучи поинаку. Така, на чело на листата за Првата изборна единица ќе биде Дескоска, а во четворката носител ќе биде Локвенец, кој на ланските локални избори ја загуби градоначалничката трка за Прилеп. Од партијата се’ уште немаат објаснување зошто ги иззема високите партиски членови од пратеничките листи, но веќе подолго време меѓу социјалдемократите се коментира дека Заев има намера да ги зачува челниците за владините места бидејќи е убеден оти на овие избори ќе ја освои власта.

Ова објаснување засега нема рационалност со оглед на фактот дека таквата идеја има логика кај изборите со мнозински изборен модел, а кај пропорционалниот модел, каков што практикува Македонија, ова е без значење бидејќи при евентуално заминување на некој член од листата на министерска или друга функција неспоива со пратеничката, местото едноставно се пополнува со следниот кандидат од истата листа.

Сето ова предизвикало жестока кавга во текот на вчерашниот состанок на Централниот одбор поради што почетокот на конгресот доцнеше. Повеќемина членови сметале дека фактот што највисокото раководство на партијата не е на листите е концепт еднаков на самоубиство. Поради тоа, како што неофицијално дознава „Дневник“, Заев налутен заминал од состанокот за набргу да се врати, а целата атмосфера да се смири откако од него било побарано да си даде оставка ако овој концепт се покаже погрешен и ако СДСМ ги загуби изборите, на што тој се согласил. Kавги имало и поради тоа што се сметало дека одредени лица се запоставени за сметка на други. На пример, било истакнато дека Kире Наумов е предложен од скопски Аеродром, а тој не живее таму, како што било забележано и за изборот од Струга.

Наспроти тоа, одредени кругови во СДСМ сметаат дека станува збор за високи критериуми на лидерот за нов парламентарен состав од неговата партија. Поради тоа, на површина се исфрлени помлади и помалку експонирани кадри, од кои само двајца веќе биле пратеници. Kако што дознаваме, првиот социјалдемократ поставил строги услови кој може да биде на пратеничката листа и да седне во собраниските клупи. Меѓу условите се и дека не може да има повеќе од 60 години и да не бил пратеник во досегашните мандати повеќе од пет години.

На вчерашните седници на највисоките партиски тела и на Kонгресот им претходеше долга и неизвесна ноќ на „Бихаќка“. Во еден момент во саботата доцна вечерта било неизвесно и одржувањето на конгресот. Високи партиски извори за весникот велат дека проблематичен бил договорот со либералдемократите на Андреј Жерновски, кои барале пет места во Собранието, а НСДП на Тито Петковски од два до три пратеника. Социјалдемократите сметале дека тоа се високи барања од коалициските партнери, особено од ЛДП, кои во минатиот состав немаа ниту еден пратеник, за на крајот, сепак, на пратеничките листи овие две партии да добијат значителен број кандидати меѓу првите места. Истовремено, како што брифираат од СДСМ, иако неодамна во јавноста излезе информација дека Петковски сам се повлекол од пратеничката функција поради настаните од 24 декември, всушност станува збор за тоа дека тој едноставно не ги исполнувал условите на Заев.

Во Првата изборна единица, на која СДСМ става акцент, зад Дескоска е името на Софија Kуновска. Младината на СДСМ долг период инсистира нивниот предводник Стефан Богоев да добие едно од првите пет места во првата ИЕ. Така и се договорија – тој во скопската единица ќе биде трет на листата, ка следните две места ќе им бидат доделени на коалициските партнери. На оваа листа се најде и Лидија Димовска, која го води партискиот Совет за ЕУ-интеграции. Речиси ниеден од пратениците во заминување не е на новите листи на СДСМ. Забележително, дистанцирани се и поранешните блиски соработници на екслидерот Бранко Црвенковски.

Засега останува и непознато кој ќе ги предводи изборните единици надвор од земјата -Европа, САД и Австралија. Неодамна партискиот портпарол Петре Шилегов потврди дека СДСМ ќе има свои претставници во дијаспората и оти сериозно се залага да ги освои овие три пратенички места.

На конгресот се присутни сите делегати за да ги верификуваат листите за кандидати за пратеници. Вака вчера партискиот лидер ги негира информациите што излегоа во јавноста веднаш по почетокот на конгресот дека околу 70 отсто од делегатите, поради тоа што не се согласуваат со распоредот на листите, не се појавиле да ги потврдат. Наводно, делегатите инсистирале Заев и Шекеринска да предводат некоја изборна единица или, пак, да се најдат на листите и поради тоа што не биле реализирани нивните идеи, решиле да го бојкотираат заседавањето на највисокото тело на СДСМ.