Заев ветува нулта толеранција за корупцијата (ВИДЕО)

По повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, премиерот Зоран Заев во видео обраќање до граѓаните истакнува дека корупцијата е „корозија“ на секое општество и „закана за иднината и за квалитетот на живот на сите граѓани“, и порачува дека мора да се дејствува одлучно и со нула толеранција кон корупцијата.

„Нашата Влада и јас како премиер, но и сите претставници на локалната власт, како и претставниците од граѓанскиот сектор и од приватниот сектор, имаме одговорност да се справиме со сериозните предизвици што корупцијата ги поставува пред нас.
Корупцијата е закана за воспоставување на владеење на правото, а ние презедовме обврска дека во Македонија ќе владее правото“, вели Заев.

Оттаму, продолжува премиерот, мора да се дејствува одлучно и со нула толеранција кон корупцијата. Заев ги охрабрува граѓаните активно да се вклучат во oваа заедничка борба, преку пријавување на корупцијата и без страв од последици.

„Со ова јасно укажувам дека никој нема да биде изземен од одговорност. Само така, заедно и пркосно, ќе креираме успешни политики, и ќе поставиме темели за постабилна, економска и правична иднина за сите граѓани на Република Македонија. Од успехот на борбата против корупцијата, зависи успехот на нашата држава“, порачува Заев.

Потсетува дека со гласот на грашаните неговата влада ја добила најодговорната функција, да раководи со земјата.

„Реформата е во тек и се интензивира. Промените во Република Македонија значат заложби за професионални институции и обезбедување права и слободи на секој човек. Со промените градиме едно и единствено општество во кое нема место за корупција.Нека ни е честит Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Да живее слободна, демократска Република Македонија!“, уверува Заев.