Заев знаел дека ќе ги изгуби изборите со огромна разлика

Дека изборите ќе ги загуби со огромна разлика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, знаел и пред истите да се реализираат. Анкетата којa за внатрепартиски потреби непосредно пред изборите ја изготвила агенцијата „Рејтинг“ на Ѓорѓи Спасов покажува дека актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов убедливо води пред Стево Пендаровски, објавува Курир.

Според анкетата изготвена од поранешниот генерален секретар на СДСМ и министер за правда во владата на Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов ужива огромна поддршка меѓу граѓаните изразена со 61 отсто наспроти неговиот противкандидат од СДСМ, Стево Пендаровски, за кој позитивно мислење имаат двојно помалку граѓани или нешто над 33 отсто.

Оваа анкета која лидерот на СДСМ ја криел од сопартијците, покажува дека победата на претседателот Иванов на изборите е чиста. Дополнително потврда за ова е и фактот дека резултатите од испитувањето на јавното мислење комплетно се поклопуваат со оние кои ги потврди Државната изборна комисија по вториот круг од изборите на 27 април минатата година.

sdsm-anketa-500

По ова се отфрлуваат сите тврдења на Заев дека претседателската победа на нивниот кандидат Пендаровски била украдена, а дотолку повеќе станува јасно дека лидерот на СДСМ ги знаел резултатите од изборите уште пред тие да завршат и дека свесно ја лажел и својата партија, но и целата јавност дека изборите биле фалсификувани.

Зоран Заев на 27 април во 19 часот веднаш по завршувањето на гласањето излезе на прес конференција и рече дека неговата партија не ги признава изборните резултати без разлика какви ќе бидат тие.

И Стево Пендаровски до денеска тврди дека последните претседателски избори биле нерегуларни. Тоа го изјавуваше и веднаш по изборите кои ги загуби со голема разлика иако од анкетата се гледа дека тој точно го знаел расположението на граѓаните каде што има двојно помала поддршка од актулениот претседател Ѓорѓе Иванов.

Интересно е дека Заев и Спасов се обидоа пред самото гласање да манипулираат со граѓаните кога Спасов во јавнста преку својата агенција „Рејтинг“ пушти анкета во која стоеше дека Стево Пендаровски убедливо води пред Иванов, што е само уште еден доказ за партизираноста на неговата агенција за истражување на јавното мислење.