Заеви во 2012-та тежеле речиси 12 милиони евра

Речиси 12 милиони евра (или точно 733.898.440 денари) тежеле во 2012 година фирмите што ги поседуваат најблиски роднини и пријатели на лидерот на СДСМ и струмички градоначалник Зоран Заев, пишува „Дневник“

Весникот дојде до документите што укажуваат на билансите со сметководствената вредност што овие фирми ги направиле на крајот од 2012 година. Притоа нето-добивката што ја оствариле таа година изнесувала 2 милиона евра.

Заев, никаде не фигурира како сопственик на фирма или, пак, некое одговорно лице, но се работи за 20 фирми кои гласат на таткото, братот и на чичкото на Заев, потоа на неколку братучеди, зетот, како и на ортакот на Заеви во неколку фирми – Горан Kрстев и неговиот татко. Лидерот на СДСМ во интервју за МТВ процени дека богатството на неговото семејство тежи околу шест до седум милиони евра.

Сметководствената вредност е всушност моменталната вредност што ја има некоја фирма во моментот на правењето на билансот, а до неа се стигнува кога од активата на фирмата (средствата со кои располага претпријатието), ќе се одземе пасивата (тоа се обврските на фирмата) и на тоа ќе се додаде и сопственичкиот капитал.

Инаку, на повеќето од фирмите како сопственик, основач или член на управен одбор се јавува братучедот на Заев – Трајче Заев. Тој ја поседува и највредната фирма „Еленица“, која е регистрирана како АД индустрија за градежни материјали. Фирмата во 2012 година, според сметководството, вредела нешто повеќе од четири милиони евра, а таа година остварила нето-добивка од 718 илјади евра. Во „Еленица“ како член на Управниот одбор фигурира братот на Зоран Заев, Вице Заев, а нивната братучетка Kатерина Бојовиќ-Заева е член на Надзорниот одбор. Братучедот поседува уште неколку други фирми поврзани со градежништвото, но и во производството на земјоделски производи.

Братучетката на Заев, Kатерина Бојовиќ-Заева, пак, е задолжена повеќе за фирмите што се занимаваат со финансии и брокерство (нејзините фирми од овој сектор имаат вредност од речиси еден милион евра). Таа поседува и фирма што врши преработка на овошје и зеленчук „Тргопродукт“, која во 2012 година вредела исто така милион евра.

Братот на Заев, пак, иако е во управниот одбор на една градежна фирма кај братучедот, си има и неколку свои градежни фирми, и тоа „Тотал инженеринг“, каде што тој е единствен сопственик, и „Дарвас инженеринг“ и „Сара-јавор инеженеринг“, каде што е сосопственик со Горан Kрстев. Вредноста на овие фирми надминува милион евра. Таткото на Kрстев, пак, Симеон Kрстев, поседува транспортна и шпедитерска фирма „Јавор-шпед“, која во 2012 година вредела 1,2 милион евра.

Еве што кажа лидерот на СДСМ во предновогодишното интервју на јавниот сервис:

„Лично јас спаѓам се’ уште во средната класа, но доаѓам од богато семејство, кое има 820 вработени. Kапиталот е проценет на шест-седум милиони евра, во кредити се исто толку пет-шест милиони евра, апсолутно влезени да се докажеме пред општеството обидувајќи се редовно да дадеме плата и да ги платиме даноците на државата и да генерираме нови производи, нови продукции, кои значат нови инвестиции. С` што имаме е овде во Македонија. Мојот анкетен лист е реално достапен на јавноста. Мојот личен имот заедно со моите и со возилата на сопругата вреди 60-70-80 илјади евра. Апсолутно не бегаме од тоа, ние се гордееме, тоа е создадено, пред с`, 90 отсто додека ВМРО-ДПМНЕ била на власт. Граѓаните го чувствуваат деловниот амбиент, тука се бизнисмените, тука се вработените во сите фирми, сите знаат како живеат денес“.

Според анкетниот лист објавен во Kомисијата за спречување на корупцијата, Заев го има приложено следниов капитал: заеднички имот (куќа од 400 м2, стан од 65 м2, дуќан од 60 м2 – сите во Струмица и акции) вреден околу 630 илјади евра, личен имот („ауди 6“, депозит во банка и даден заем) вреден околу 102 илјади евра, имот на сопругата („сеат леоне“ и депозит во банка) вреден околу 11 илјади евра и имот на децата како депозит во банка од 18.500 евра.

Заев: Ова се паушални бројки за да нанесат штета на мојот углед

Паушални бројки со извлечени заклучоци, кои нанесуваат штета врз честа и угледот на многу луѓе, ова е оценката на лидерот на СДСМ Зоран Заев за тоа дека вредноста на фирмите што ги поседуваат негови роднини според сметководствената вредност во нивните биланси за 2012 година изнесува речиси 12 милиони евра, а нето-добивката од нив таа година била 2 милиона евра. „Дневник“ го праша Заев кога е создаден овој капитал и дали тој е на некој начин одговорен за него имајќи предвид дека некои од овие фирми добивале и на тендери во општина Струмица. Ова е одговорот што го одбивме:

„Ова се измислици од невидени размери. Паушални бројки со извлечени заклучоци кои нанесуваат штета врз честа и угледот на многу луѓе… Јас немам ништо што да кријам, но моите чест и углед, како и на моето семејство, ќе ги бранам додека дишам. Мојот имот го имате во мојот анкетен лист“, реагира Заев.

Нема за што нема фирма

Она што може да се забележи од документите со кои располагаме во врска со фирмите поврзани со струмичкиот градоначалник и лидер на опозициската СДСМ е дека сите тие имаат разни дејности, и тоа опфаќајќи ја практично целата индустриска гранка од производство до трговија. Така, на пример, има фирма што се занимава со производство на земјоделски производи, потоа друга фирма што е регистрирана за преработка на овошје и зеленчук, како и фирма што врши нивна трговија. Во делот на градежништвото, пак, има фирма за набавка и за производство на градежни материјали, потоа неколку фирми за инженеринг, па за градба. Меѓу фирмите има и кафе-бар, транспортна фирма, шпедиција, финансиско друштво, брокерска куќа…